Технологијата за следење на екстремитетите се базира на низа посебни камери и на камерите на стадионот, за да се прикаже точната позиција на играчите на теренот, нудејќи им на судиите прецизни информации за неколку секунди

Светската фудбалска федерација (ФИФА) се надева дека пуштањето во употреба на полуавтоматска офсајд-технологија што се тестира на клупското Светско првенство (СП) не само што ќе го забрза донесувањето на одлуките туку ќе им понуди и поголема јасност на навивачите. Оптичкиот систем првпат беше тестиран на минатогодишниот Арапски куп во Катар, а крајната цел е тој да се користи на Светското првенство (СП) годинава, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА, на новинарите им рече дека ВАР се покажал како „многу успешен“, но призна дека е потребна поголема конзистентност.
– Сѐ уште не е најдобар кога станува збор за брзината при донесувањето одлуки. Брзината и прецизноста не функционираат заедно. Важно е ВАР-судиите да донесат точна одлука, но сите сме свесни дека тоа да треба да биде многу побрзо, особено за офсајдите. Голот веќе е прославен, сите чекаат, потоа има поништен гол или обратно – изјави Колина во Абу Даби.
Технологијата за следење на екстремитетите се базира на низа посебни камери и на камерите на стадионот, за да се прикаже точната позиција на играчите на теренот, нудејќи им на судиите прецизни информации за неколку секунди. За да обезбеди подобра прецизност, системот моментално генерира 18 дата-податоци по играч, следејќи ги различните делови од телото за да создаде тридимензионален скелет-модел. Целта е за СП тоа да се зголеми на 29 податоци за да се подобри прецизноста. Откако ќе се донесе конечната одлука, технологијата управувана од вештачка интелигенција ќе ги претвора сликите во 3Д-анимација што може да се прикаже и на големиот екран на теренот.