Британската кралица има силен интерес за она што се случува во Владата зад сцената

Една од тајните на нејзиното успешно владеење е будното следење на британската политика во Владата, вели Анабел Диксон за „Политико“

Кој е главниот инсајдер во Вестминстер

Како шеф на државата, кралицата Елизабета Втора мора да се издигне над политичката дебата, играјќи главно церемонијална улога со формално назначување министри, и покрај тоа што не одлучува кој ќе ги добие работните места, и несомнено ја поставува законодавната агенда на нејзината избрана влада. Но тоа не значи дека британската кралица не сака да ги знае најжешките озборувања во Вестминстер.
Малку позната традиција на системот на Обединетото Кралство значи дека помлад член на владината канцеларија одговорна за управување со законодавството преку парламентот секој ден пишува приватна дневна електронска пошта до кралицата со забавна содржина за тоа што се случува во парламентот. Оние што ја извршувале оваа функција на „заменик-управник на кралското домаќинство“ укажуваат на вистинскиот интерес на кралицата за работата на законодавниот дом зад сцената. Поранешните вработени на оваа позиција рекоа дека добивале инструкции да водат „внатрешна евиденција“, бидејќи кралицата ги чита весниците и ја слуша познатата утринска програма на Би-би-си радио 4 или друга дневна емисија за вести.
Поранешниот лабуристички пратеник Џим Фицпатрик, кој ја извршуваше функцијата меѓу 2003 и 2005 година, се сеќава какви упатства добил, па, така, кралицата побарала од него „да го запишува она што е од интерес а го нема во печатот“. Според конзервативецот Ендрју Мекеј, кој ја извршуваше функцијата во 1996 година, очигледно е дека таа успешно ја извршува функцијата на британски монарх многу долг временски период. Мекеј додава дека еден од клучните аспекти е нејзиното внимание на деталите, желбата да биде добро информирана и да не се меша, бидејќи таа целосно ја разбира уставната позиција. Тие карактеристики им беа од „помош“ на премиерите што одржуваа неделни приватни состаноци со кралицата во Бакингемската палата.

Ен Милтон, една од ретките жени што ја извршуваат функцијата заменик-управник на кралското домаќинство, раскажува дека собирала информации што би можеле да ја забавуваат. Конзервативниот пратеник Дезмонд Свејн, кој ја извршуваше функцијата во 2013 и 2014 година, вели дека ги пренесувал сите доверливи вести кога ги имал, иако признава дека „никогаш не бил многу добар во озборувања“.
Како гласници на кралицата во Долниот дом, сите заменик-управители на кралското домаќинство одблиску видоа како кралицата ја извршува својата улога како шеф на државата. Фицпатрик, кој потекнува од ирската католичка заедница во Глазгов, признава дека „воопшто не бил воспитан со некакви кралски тенденции и всушност бил доста силен републиканец“. Меѓутоа, само гледајќи ја нејзината величественост, како што имал неколку ситуации одблиску, како приватно така и јавно, апсолутно ненадминливи биле свесноста, острината, издржливоста, интегритетот, ентузијазмот и енергијата што таа ги вложува во нејзината задача. Тој вели дека човек не може а да не се восхитува колку таа е посветена на улогата шеф на државата. Фицпатрик сега е голем обожавател на нејзиното височество и има голема почит кон неа и кон институцијата.
Бакингемската палата одби да даде некаков коментар за овој напис на „Политико“.