Во 1970-тите години, чилеанскиот режисер Алехандро Ходоровски се обиде да ја екранизира „Дина“, научнофантастичниот роман на Френк Херберт. Сè што остана од неговата напорна визија стана обемна работна книга, чии корици држат заедно безброј нацртани кадри, летала, костими и друг графички материјал. Неколку примероци од оваа книга циркулираа низ холивудските студија и обезбедија докази за неизмерните амбиции на режисерот. Воведната сцена на „Дина“, на пример, требаше да го води гледачот низ беспатниот универзум во една континуирана рамка. Камерата би се доближувала до галаксијата, би поминувала меѓу планети, астероиди, луѓе што ограбуваат вселенски брод, сè додека не заврши во друг брод во движење. Такво филмско искуство повеќе би очекувале денес, во ерата на компјутерските ефекти, отколку пред речиси половина век.
Концептуалните цртежи за филмот ги направија уметниците Крис Фос, чиј талент подоцна ќе ја обликува планетата Криптон во Супермен, Ханс Руди Гигер, кој се прослави со работата на „Осмиот патник“, и Мебијус, со кој Ходоровски имал успешна соработка во светот на стрипот. Актерската екипа беше еднакво фантастична. Пред камера требаше да бидат Дејвид Карадин („Убиј го Бил“), Орсон Велс („Граѓанинот Кејн“), пејачот на „Ролинг стоунс“, Мик Џегер, Удо Кир („Бакурау“) и познатиот уметник Салвадор Дали, додека компонирањето музика им беше доверено на бендовите „Пинк Флојд“ и „Магма“.
Но ниту храброста на продуцентот Мишел Сиду, кој го поддржа Ходоровски, не успеа да ги убеди холивудските шефови да го поддржат нивниот спектакуларен проект. Тоа беше пред Џорџ Лукас да ја омекне филмската индустрија со „Војна на ѕвездите“ и да покаже дека слични претстави на други планети се можни и пожелни. Дејвид Линч (Твин Пикс), така, ќе биде првиот што ќе го екранизира романот „Динa“, но дури во 1984 година.
Во меѓувреме, идеите на Ходоровски продолжија да живеат. Тие беа инспирација на режисерите како Лукас и Ридли Скот („Осмиот патник“), кои набрзо влегоа во научнофантастичната сцена, а многу од неговите дизајни се најдоа и на стриповите. Благодарение на забележителниот документарен филм „Дина на Алехандро Ходоровски“ на режисерот Френк Павиќ од 2013 година, приказната за „најголемиот филм некогаш направен“ им стана позната на многу љубители на филмот.
Од неодамна, старите белешки на режисерот повторно се во центарот на вниманието. Во ноември минатата година една од книгите на Ходоровски беше продадена за 2,6 милиони евра во аукциската куќа „Кристис“, што достигна сто пати поголема сума од првично проценетата. Парите беа обезбедени од „Спајс ДАО“, децентрализиран конзорциум поддржан од криптовалути, што неодамна предизвика жестока дебата. Со многу храброст новите сопственици од „Спајс ДАО“ најавија дека според плановите на Ходоровски ќе снимаат анимирана серија и ќе им ја понудат на стриминг-сервисите, со што ќе овозможат конечно култната книга да се види во разиграна форма.
Меѓутоа, постои еден голем проблем. „Спајс ДАО“ ја купи книгата за снимање со сите нацртани кадри и илустрации, но не и правата за екранизација на романот на Херберт на кој се базира. Како што е познато, минатата година со голем успех беше прикажана новата филмска верзија на „Дина“, во режија на канадскиот режисер Дени Вилнев. Продолжението на филмот се очекува во 2023 година, а студиото „Леџендари“ најави и снимање на серијата „Дина: Сестринство“, која ќе се прикажува на платформата „Ејч-би-о макс“. Значи, јасно е кој ги има правата на сценариото.
– Со цел да произведе или да добие овластувања за изведени дела како што е анимираната серија, „Спајс ДАО“ треба да добие лиценци од фондацијата „Херберт“ и, потенцијално, од фондацијата „Ходоровски“. Како што купувањето стрип за Бетмен не ви дава наследени права за производство на нов филм за Бетмен, купувањето на книгата не му дава на „Спајс ДАО“ никакви внатрешни права да произведува нешто ново – напиша адвокатката Кирсти Стјуарт од адвокатската фирма „Торнтонс“.
Многу корисници на социјалните мрежи се сомневаа во намерите на конзорциумот штом беше објавена веста. Некои целосно ја отфрлаат најавата за анимираната серија поради сомневањето дека крајната цел на „Спајс ДАО“ е само да продава поединечни страници од книгата како НФТ – дигитални слики со авторски права. На официјалниот форум се шпекулираше дека книгата потоа може да биде уништена, што ќе послужи како средство за создавање публицитет. Кога новинар на „Гардијан“ праша дали се точни плановите за продажба на дигитализираните страници, „Спајс ДАО“ го блокира разговорот со него.