Станува збор за прв орален антивирусен лек против оваа болест одобрен од Европската Унија (ЕУ). Се препорачува употребата на лекот да започне во првите пет дена по појавата на симптомите и тој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто

Во регионот пристигна нов најсовремен лек за борба со пандемијата

„Паксловид“ (Paxlovid) на производителот „Фајзер“, кој важи за најсовремен лек против коронавирусот, пристигна во нашиот регион.
Србија е меѓу првите земји во континентална Европа, која заедно со Британија го доби овој лек, само десет дена откако ЕМА (Европска агенција за лекови) ги одобри неговата употреба и продажбата.
Во соопштение на оваа тема, српското министерство за здравство информира дека Европската агенција за лекови на крајот на јануари ја одобри антиковид-пилулата на „Фајзер“, која всушност е прв орален антивирусен лек против оваа болест одобрен од Европската Унија (ЕУ).
– „Паксловид“ е антивирусен лек што содржи две компоненти – „ритонавир“ и „нирматрелвир“ и наменет е за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со ковид-19, кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Се препорачува употребата на лекот да започне во првите пет дена по појавата на симптомите – се наведува во соопштението.
На веб-страницата на Министерството за здравство на Србија е наведено дека е направен список за дистрибуција врз основа на кој лекот ќе се дистрибуира меѓу здравствените установи.
Во своја информација на темава, белградската РТС потсетува дека Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со САД и Велика Британија, што го потпишаа договорот со претставници на компанијата „Фајзер“ за набавка и купување на најсовремениот лек против коронавирус, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто.

За кого е наменет лекот?

Антивирусниот лек на „Фајзер“ против ковид е одобрен за употреба на луѓе што имаат нарушени здравствени состојби и кај кои ризикот од хоспитализација и смрт се поголеми.
Во медиумите се информира и дека апчињата најмногу ќе ги користат лицата со срцеви заболувања и дијабетес.
Американската телевизија Еј-би-си информира дека овој лек не се препорачува за лица со тешки заболувања на бубрезите или црниот дроб и дополнително се претпоставува дека лекот во антивирусниот коктел може да предизвика тешки и опасни по живот интеракции доколку се комбинира со лекови што се широко користени, како што се статини, разредувачи на крв и некои антидепресиви.
Фармацевтите нагласуваат дека многу интеракции со лекови може да се контролираат и не треба да ја спречуваат масовната употреба на „паксловид“, а позитивно е искуството на оваа тема што докторите веќе го имаат со употреба на лекот „ритонавир“ кај пациенти заболени од сида.

Како се употребува „паксловид“

Според првичните информации во јавноста, третманот со „паксловид“ е краток, започнува да се употребува во рок од првите пет дена од почетокот на симптомите. Пакувањата на „паксловид“ во себе содржат 30 таблети и нив, по препорака на докторите и фармацевтите, заболените лица треба да ги консумираат двапати дневно во текот на пет дена.
Во својата содржина, „паксловид“ преставува комбинација на новиот антивирусен лек наречен „нирматрелвир“ со постојниот лек што го носи името „ритонавир“.
Во студијата на фармацевтската компанија што го произвела лекот, а ја пренесуваат светските медиуми, се вели дека од вкупно 697 лица што го примиле лекот во неговата фаза на тестирање ниту еден од нив не завршил во болница и дополнително ниту еден не ја изгубил битката со вирусот.
Од компанијата „Фајзер“ велат дека тие очекуваат лекот да ја задржи својата ефикасност против новите варијанти на вирусот како што е случајот со омикрон. Тие велат дека апчињата во лабораториските тестови се покажале за успешно решение со новите варијанти на вирусот, бидејќи го блокирале ензимот вклучен во репликацијата на вирусот.


Се чека допрва на масовно производство

Македонката д-р Елена Пеева, која работи за „Фајзер“ и успешно предводи повеќе клинички студии за нови лекови и е авторка на повеќе од 50 научни трудови од областа на медицината и имунологијата, во своја изјава на темава вели дека „паксловид“ го намалува ризикот од хоспитализација, но тој допрва треба масовно да се произведува.
– „Паксловид“ е орален антивирусен лек. Таблетите се наменети за лекување на лесна до средно тешка форма на ковид-19 кај возрасни пациенти и деца постари од 12 години, кои имаат позитивен тест на САРС-КоВ-2, и имаат фактори на ризик за прогрес во тешка форма на коронавирус, вклучувајќи хоспитализација и смртни последици. „Паксловид“ е наменет за пациенти со почетни симптоми на ковид-19, без оглед дали се вакцинирани или не. Таблетите се примаат двапати дневно во текот на пет дена. Клиничкото испитување покажа дека земањето „паксловид“ во првите три дена од појавата на ковид-19 со лесно до средно тешки симптоми, го намалува ризикот од хоспитализација на 89 отсто за оние пациенти кај кои постои опасност за преминување во тешка форма на ковид-19. Моментно, количествата на овој лек се ограничени, но се очекува неговото производство да се зголеми во следните месеци – вели д-р Пеева.