Некои градинки бараат резултати од брис од нос и од грло, а други бараат само потврда од матичниот лекар дека детето е здраво
Каков документ е потребен кога го запишувате вашето дете прв пат во градинка, или, пак, повторно треба да го однесете откако ќе заврши неговото боледување? Градинките бараат различни документи од родителите – некои резултати од брис од нос и од грло, а други потврда од матичен лекар дека детето е здраво. Тоа ги збунува родителите.
– Детето е здраво, однесовме потврда од матичен лекар и сега ни бараат и резултати од брис од нос и грло. Се прашувам дали вработените во градинка си играат лекари. За да направиме брис треба да изгубиме време, да чекаме ред кај матичен, да чекаме резултати, да отсуствувам од работа. Зошто се сомневаат во проценката на матичните, мене не ми е јасно – вели мајка на тригодишно дете кое посетува градинка во Скопје.
Друг родител раскажува дека додека за неговото дете бил побаран резултат од брис, дете на пријатели кое оди во друга градинка го примиле само со потврда од матичниот дека е здраво, т.е. дека нема заразно заболување.
Очигледно, некои си применуваат правила, кои се веќе укинати.
Александра Јелиќ-Исаиловска, директорка на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, вели дека таму бараат само потврда од матичен лекар.
-Пред неколку години се бараше и брис од нос и грло, но таа пракса се укина. Тоа претставува и дополнителен трошок за родителите. Сега е потребна само потврда од матичен лекар. Сепак, во овие пандемиски услови постојано апелираме до родителите да не известат ако детето има некакви симптоми, или пак да не го праќаат во градинка -додава таа.
Надица Гировска, директорка на градинката „Орце Николов“ во општина Карпош вели дека и кај нив единствен докумет кој е потребен за упис или за повторно враќање на детето во градинката е потврда од матичен лекар дека е здраво.
-Некои родители бараат на децата во цела група да им се направи брис од грло и нос, но ние тоа не можеме да го наложиме, зашто немаме таква законска обврска. Валиден докумет е потврда од матичниот лекар на детето дека тоа е здраво-посочува таа.
Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека согласно Законот за заштита на децата родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичен лекар за здравствената состојба на детето, односно наод и мислење од Службата за функционална пороценка, согласно Законот за Социјална заштита за дете со попреченост.
-Потребна е и документација за лична идентификација на детето и родителите. При подолго отсуство на дете потребно е да се достави повторно потврда од матичен лекар дека детето е здраво – информираат од МТСП.