Министерот Османи зборува да изградиме заеднички позиции, зборува за зрелост, почит и меѓусебна доверба, но како ние да имаме доверба како пратеници кои што ги избрал народот, пратениците ја избрале Владата, а Владата не сака со нас да сподели еден нон-пејпер кој што во декември бил испратен во Софија, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на денешната собраниска Комисија за надворешна политика. На неа излагање имаше шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој истакна дека нема ништо спектакуларно во пакетот 5+1 од преговорите со Бугарија.

– Како да ги изградиме тие позиции во кои вие сте го напишале вашето мислење, стручно лице го дополнило тоа мислење, а вие не ни давате ниту право, ниту доверба како пратеници да дадеме сугестија за тој нон-пејпер кој што сакаме да биде во согласност со Декларацијата која што ова собрание ја усвои – посочи Милошоски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на министерот Османи му порача дека прави нов преседан каде што потврдува дека има документ, дека истиот е неформален, е работна верзија, а ја ускратува можноста пратениците во таа работна верзија да го дадат својот придонес.

– Мислам дека тоа е потценување на зрелоста, почитта и на довербата кон пратениците за која вие зборувавте –  нагласи Милошоски.

Понтаму Милошоски се осврна на одлуката од март 2020 година за почеток на преговорите.

– Кога таа одлука беше донесена вие лично на прес-конференција пред македонската јавност со Никола Димитров и Оливер Спасовски, како тогашен технички премиер, кажавте дека одлуката е безусловна, а гледаме дека сега има 5+1, 3+1, 2+1, имаме услови кои што задираат дотаму што одат до Уставот кој што е темел на политичкиот суверенитет на една држава – кажа пратеникот.

Третата поента во неговиот говор беше во однос на идентитетот и јазикот.

– Вие велите дека не преговараме за идентитетот и јазикот, но има разговори. Штом има разговори, тенка е линијата помеѓу разговори и преговори, може да се направи политички притисок, гледаме дека владата си има свои зацртани цели, главниот приоритет е опстанувањето на власт и може тој приоритет да ве наведе да влезете и во преговори –  нагласи Милошоски и праша и зошто новата бугарска влада, ако навистина има поинакви гледишта, не прифати да го потпише Договорот помеѓу Македонија и „Фронтекс“.

Милошоски истакна дека ова е трет меморандум кој што се потпишува од стана на македонската и бугарската страна за изградба на Коридорот 8.

Пратеничката и професорка Гордана Силјановска-Давкова рече дека од телевизија дознала за нотата на Бугарија испратена во ОН и се чудела на логиката.

-Краткото име, нешто друго асоцира. Ако во минатото речете Република Македонија, или државата Македонија тоа е референца специфика во однос на Македонија генералис, историја, географија, етнографија, сега не е така. Зошто кога ќе ја кажете државата со новото име тоа е територија која нема однапред одредница. Значи ако имаше во науката и меѓународните односи се споредуваат исти ентитети, не се споредува држава со географски територии – забележа Силјановска-Давкова.

Свој коментар имаше и пратеничката на Ане Лашкоска.

– За жал Вие и денес овде го покажавте оној пристап кој што е карактеристичен за оваа Влада, односно надмен и арогантен пристап. Ве молам немојте да заборавате иако секојдневно како власт заборавате, дека вие сте избран точно од овие пратеници во Собранието на Република Македонија. Во Вашето обраќање рековте потребно се заеднички позиции, потребен ни е консензус. Господине, за жал искуството со оваа власт покажавте ни ние, ниту пак јавноста не можеме да веруваме повеќе на она што го зборувате. Повеќе би рекла дека тоа што го зборувате е само популистички. Зошто? Затоа што токму ова што го зборував на почетокот вие денеска на почетокот на оваа седница го потврдивте она со недонесувањето на документите по барање на комисијата испратено писмо од претседателот на Комисијата, вие само потврдивте дека Вашето зборување е само популистичк – додаде Лашкоска.