Музиката на Нил Јанг е отстранета од стриминг-платформата „Спотифај“, откако пејачот-текстописец се спротивстави неговите песни да се пуштаат на истата платформа што го нуди подкастот на Џо Роган, соопштија компанијата и музичарот.
Претходно оваа недела, Јанг објави писмо упатено до неговиот менаџер и издавачката куќа, „Ворнер мјузик груп“, во кое побара „Спотифај“ повеќе да не пренесува негова музика сè додека Роган шири дезинформации за вакцините против ковид-19.
„’Спотифај’ стана дом на дезинформации за ковид опасни по живот. Лаги се продаваат за пари“, напиша Јанг на неговата веб-страница.
Шведската компанија соопшти дека се труди да ја балансира безбедноста на слушателите и слободата на креаторите и дека отстранила повеќе од 20.000 епизоди на подкаст поврзани со ковид-19 во согласност со своите детални политики за содржина.
Роган (54) е водител на најдобро рангираниот подкаст на „Спотифај“, кој има ексклузивни права на програмата.