Зборувајќи против тишината

Очигледно човековите права во Македонија сѐ уште не се излезени од комунистичкиот шинел на минатиот век. Заробени права за заробени умови. И вие очекувате дека возобновените реликвии на комунистичкото минатото ќе проговорат за заштитата на македонското малцинство во соседните држави

Искрено, не знам што има изненадувачко во тоа што и оваа хибридна влада се откажа од македонското малцинство во Бугарија. Оваа власт се откажа од сопствената држава, па нема и од сопственото национално малцинство. Националното слепило на самопрогласените „државотворци“, државотворно ги претвори Македонците во Грција и во Бугарија во невидливо малцинство, бришејќи го нивното национално и културно наследство преку засилување на нивната присилна асимилација. Зарем стварно некој очекуваше од министерот Маричиќ да биде гласот на македонското малцинство во Бугарија, демонстрирајќи посветеност на заштитата на нивните права. Наивно. За жал, ваквите историски промашени ликови се откажаа во името на државата од природното право да зборуваат во име на заштитата на своето национално малцинство во соседните држави, без свест за заедничко територијално, културно, па дури и биолошко потекло со нашето малцинство во Бугарија како морална основа за тоа право.
Активизмот на матичната држава за оваа власт очигледно не е нужен ниту тогаш кога е загрозено изразувањето на малцински идентитет и ограничена е слободата на малцинствата да ги репродуцираат своите култури, ниту кога имате политики дизајнирани за да воспостават доминација на единствена етничка група над некоја територија. А вообичаено матичната држава служи како сигурен извор на поддршка на своето население надвор од нејзините граници секогаш кога остатокот од светот замижува пред ваквата состојба на таа популација. Зашто да потсетам: грижата за сопственото малцинство во соседните држави ниту е табу-тема ниту е каприц на матичната држава. За жал, морам да признаам дека сервилноста на оваа и на претходната влада ги остави Македонците надвор сираци, без можност да имаат некаква корист од матичната држава за своите интереси, прекинувајќи ја националната папочна врска со нив. Оваа власт е на добар пат да го зацементира нашиот уникатeн модел на држава во Европа без малцинства во државите на своето опкружување. Кога се пазарите со националното, кога ги сечете корените на своето постоење, кога ја бришете колективната меморија на својот народ, кога го жртвувате своето национално малцинство во соседните држави, ќе се разбудите со бугарско малцинство во Македонија. Лицемерство во акција. Оваа власт живее во свесно наметната деменција дека постоењето на македонското национално малцинство во соседните земји и нивната желба да го задржат и промовираат својот идентитет и да негуваат културни врски со нивните матични држави е фактичко прашање и дека имаат човекови права според меѓународното право. Не е прашање дали Владата мисли дека ги заслужуваат овие права. Никогаш не било до Владата, а посебно не до оваа, која наместо активно да ги промовира и штити малцинските права избра да се воздржи од мешање во напорите на македонското малцинство да се заштити и промовира себеси.

Можеби и би се сложил со тезата на власта дека малцинските прашања се предмет на внатрешна јурисдикција на државите доколку сѐ уште живеев во ерата на комунизмот или социјализмот, од која „државотворните“ никако ментално да излезат. Арно ама прашањето за човековите права и малцинствата одамна е излезено од комфорната зона на внатрешно прашање на државите, оспорувајќи ја идејата дека државите треба да имаат конечна власт над нивните територии и дека секое интензивирањето на надворешното влијание врз креирањето на домашната политика ја зголемува загриженоста дека силата на суверенитетот како норма за неинтервенција фатално ќе биде еродирана. Зарем денес по триесет години од независна (каква-таква), држава сѐ уште има потреба да ги објаснувам овие работи? Зарем треба да потсетувам дека меѓународните малцински права означуваат посебен збир на норми во однос на бројно инфериорните и недоминантните групи, кои поседуваат одредени карактеристики, особено карактеристичен етнички, јазичен и/или верски идентитет што ги прави различни од другото население во државата каде што тие живеат? Дали малцинските права се индивидуални или колективни? Или двете? Дали малцинските права се човекови права? Зарем уште имаме дилеми околу тоа? Да, малцинските права се составен дел од меѓународната заштита на човековите права. На пример, членот 27 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на ОН ја поставува заштитата на малцинствата во општ контекст на човековите права. Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Советот на Европа во 1995 година го потврдува тоа со експлицитно признавање на малцинските права како прашање на човековите права. Истиот поим се рефлектира во преамбулата на Декларацијата на ОН за правата на лицата што припаѓаат на национални или етнички, верски и јазични малцинства, усвоена од Генералното собрание во 1992 година, и ставот 30 од Документот на состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија, усвоена во 1990 година од Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) (во 1994 година преименувана во Организација за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ).

Меѓународно правната заштита на малцинствата се однесува на „лицата што припаѓаат на малцинствата“ и јасно е дизајнирана да го заштити колективен интерес, бидејќи припадниците на малцинствата треба да ги остваруваат правата „во заедница со другите членови на нивната група“. Интеракцијата помеѓу индивидуалните права и аспектите на групната заштита јасно се рефлектира во јурисприденцијата на меѓународните тела за заштита на човековите и малцинските права. И само како укажување до Владата: малцинските права не се привилегија за да ја одмолчи асимилацијата, маргинализацијата и културното обезличување на македонското малцинство надвор од границите на матичната држава.
Очигледно, човековите права во Македонија сѐ уште не се излезени од комунистичкиот шинел на минатиот век. Заробени права за заробени умови. И вие очекувате дека возобновените реликвии на комунистичкото минатото ќе проговорат за заштитата на македонското малцинство во соседните држави. Затоа чувствувам потреба да зборувам против тишината на оваа власт. Наместо да си седам дома безначаен, тивок и понизен слуга на глупостите на власта како многумина сиве години на независна Македонија. Нѐ понижија, ни го зедоа достоинството, нѐ маргинализираа. Што уште треба да направат за да зборуваме против токсичната тишина што ни ја наметнаа во државава. Време е да ја претвориме тишината во јазик и акција.