По повод празникот на Србите, Свети Сава, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше средба со претставници на Заедницата на Србите во Македонија во Битола.
Честитајќи им го празникот, на сите припадници на српската заедница Коњановски им посака многу здравје и понатамошна соработка во интерес на реализација на заложбата за подобра иднина на денешните и генерациите кои доаѓаат.
– Би сакал да го честитам празникот Свети Сава, големиот ден на Српската заедница во Македонија и во Битола, да посакам многу здравје и да ја продолжиме оваа традиција на заедничко празнување. Традицијата и корените се многу битни за опстојување на еден народ, затоа мора да се почитуваат. Од нив ја црпиме нашата сила. Денес, треба да продолжиме да работиме заедно, како два пријателски народи кои ќе ги негуваат традициите и ќе работат за иднината на нашите деца – изјави градоначалникот на Битола,Тони Коњановски, на денешната средба со претставниците од срската заедница.
Градоначалникот Коњановски, на средбата беше информиран за тековната работа на Заедницата на Србите од Битола, како и за понатамошните планови насочени кон продлабочување на соработката со локалната самоуправа.
Претседателот на Заедницата на Србите во Македонија во Битола, Зоран Жугиќ, на градоначалникот Коњановски му подари Зборник „Сто години од пробивањето на Солунскиот фронт“, во кој се обработени над 30 научни трудови од познати македонски и српски историчари, научни работници и книжевници.
М.М.