Во декември, од продажбата на пластични ќеси се собрани 235.000 евра кои одат во еколошкиот фонд
За десет пати е намалена употребата на пластични ќеси откако на сила стапи законот за нивна забрана.
Според новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, од 1 декември ќесите за пазарање во маркети и продавници се наплаќаат 15 денари.
Надоместокот од 15 денари за биоразградливи ќеси мора да се евидентира и пренесе во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање.
Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека според податоците кои ги добиле за декември, првиот месец по стапување на сила на законските измени резултатите се одлични, граѓаните сè повеќе пазарат со торби.
-Во декември, од продажбата на пластични ќеси се собрани 235.000 евра кои одат во еколошкиот фонд. Сега ќе направиме план за какви еколошки проекти ќе се вложат овие пари. Чекавме да видиме колкави ќе бидат тие средства- вели Нуредини.
Во дел од маркетите се даваат бесплатни ќеси на кои им се сечат рачките, а во мали дуќани, пекари и понатаму се даваат бесплатни ќеси.
Министерот Нуредини вели дека знаат оти во одредени маркети и продавници не се почитува законот и дека ќе имаат инспекции до Пазарната инспекција.
-Во секој случај, како за почеток на оваа мерка сме задоволни со резултатите. Сметаме дека во иднина со поголема кампања и проекти за селекција на отпад резултатите ќе бидат уште поголеми-додава тој.