Познатата македонска пејачка Бојана, која еднакво добро се снаоѓа и како телевизиска водителка, секогаш е полна со изненадувања Таа одлучи да се врати на македонската естрадна сцена, со нова и моќна приказна. Станува збор за песната „Зад завесите“, која денеска ќе ја има својата онлајн промоција.
Приказната за отсуството на емпатијата во светот полн со предрасуди е дел од новиот проект на Бојана, со којшто започнува низата на дополнителни изненадувања, коишто ќе и ги претстави на публиката оваа година.
– Чувството да се биде повторно во етерот е секогаш големо задоволство, а најмногу поради можноста преку музиката како уметност да споделам вистински емоции и порака за важни теми, коишто сметам дека е потребно да се дискутирани во општеството. Да пренесам размислување и став преку мелодија, да се искажам емотивно, можам единствено на најдобриот начин на којшто умеам – преку песна. Сакам да се заблагодарам на целиот тим, којшто ја поздрави и прифати идејата на новата Бојана, проект којшто со голем предизвик и ентузијазам го најавувам со „Зад завесите“. За оваа година си поставив цел да го споделам со јавноста сето она кое веќе неколку години созрева во мене, а тоа е еден поинтензивен и помоќен стил на носење порака до публиката – вели Бојана.
Песната „Зад завесите“ е дело на искусен креативен тим. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, а текстот е на Ксенија Николова.
– Пред една година, текстот го напишав во еден здив. Емоциите се испишаа скоро сами во строфите на песната, а произлегоа од мислата за сите луѓе, кои се во животот на еден човек, но се всушност и публика, набљудувачи, коментатори и судии. Сфатив колку малку луѓето ја разбираат туѓата болка и колку им е полесно да го дефинираат човекот според своите очекувања, наместо вистински да слушаат, да бидат внимателни. Сржта на песната е отсуството на емпатијата во светот полн со предрасуди и секој стих е дамски начин на пренесување на главната порака, којашто Бојана ја доловува совршено со својот доминантен и препознатлив глас – вели Ксенија Николова.
Видео записот на новата балада е во режија на Александар Ристовски – Принц, кој со својот ексцентричен и секогаш уникатен стил ја пренесува вистинската суштина на меланхолијата на самата песна.
– Обраќањето кон самиот себе во потрага по одговорите, е суштинскиот двигател во самиот видео запис, бидејќи се оддалечивме едни од други, но најмногу се оддалечивме од себе. Сѐ што ни се случува е рефлексија од нашата внатрешна состојба – се надоврза Александар Ристовски-Принц.
Видео спотот на „Зад завесите“ својата премиера ќе ја има вечерва во 19.30 часот на официјалниот Јутјуб канал на „Скендеровски продукција“.