Дали воопшто може да се зборува за „континуитет“ и унапредување на состојбите во културата, кога само во последниве неполни пет години се сменија точно пет министри за култура. Практиката на партиски, пријателски или клиентелистички назначувања и вработувања продолжува и на другите нивоа, во културните институции, установи и институти, во театрите и културните центри… Искуствата во светот во сферата на културата, пак, се сосема поинакви
Откако досегашната министерка за култура Ирена Стефоска ѝ ја предаде функцијата на новоизбраната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска, посакувајќи ѝ срдечно добредојде во Министерството за култура и многу успех во мандатот, во јавноста почнаа да се пребројуваат функционерите што ја понесоа оваа функција во изминатите години. За оние политички неупатените, новата министерка е актуелна пратеничка, инаку докторка на науки и поранешна продеканка на Педагошкиот факултет во Битола. На церемонија на примопредавање на функцијата во Министерството за култура, веќе неколкупати видена во последниве години, Стефоска подвлече дека „во ресорот се започнати повеќе процеси и проекти, кои се од системско значење за уредување на културата, а кои поради сложеноста се одвиваат во повеќе фази што бараат континуитет“. Но тука логично се поставува прашањето како воопшто може да се зборува за континуитет, кога за последниве неполни пет години се сменија точно пет министри за култура. Во последните неколку години во ресорното министерство практично секоја година на функцијата доаѓа нов министер, од едната или другата коалициска партија, почнувајќи од Роберт Алаѓозовски (1 јуни 2017 – 4 јуни 2018), преку Асаф Адеми (4 јуни 2018 – 26 јуни 2019), Хусни Исмаили (26 јуни 2019 – 31 август 2020) и Ирена Стефоска (31 август 2020 – 17 јануари 2022), до новоизбраната министерка, Бисера Костадиновска Стојчевска, назначена деновиве.
Оттука не може, а да не зазвучи како фраза обраќањето на секој од нив, одново секоја година, во кое како во некоја здодевна реприза се повторува „подготвен(а) сум за предизвиците и за соочување со проблемите, но и за убавината и прогресот што културата ги носи како силен обединувачки елемент во секое општество…“ Како воопшто да очекуваме издржана стратегија и унапредување на состојбите во културата со вакви брзи министерски смени, а со тоа и на приоритетите во културната сфера, во зависност од професионалната определба на новоизбраниот прв човек. Еднаш тоа е заштитата на културното наследство, другпат живата култура, третпат законската регулатива… И дали воопшто ресорното министерство има приоритети, ако постојано се менуваат целите и задачите, критериумите за аплицирање на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес, па дури и поимот „национален интерес“, кој сѐ повеќе добива флуидно значење.
Практиката на партиски, пријателски или клиентелистички назначувања и смени продолжува и на другите нивоа во културата, во културните институции, установи и институти, во театрите, културните центри… така што станува дури невозможно да се следи кој е актуелен директор во моментот. Ако некогаш и во сон ги знаев првите луѓе во позначајните институции во секторот, сега сѐ почесто ми е неопходно пребарување на интернет за некако да успеам да останам добро упатена и информирана, што е многу важен сегмент од мојата професија. Сосема друга тема е колку истакнати професионалци беа симнати од раководни места (неодамнешното повлекување од функцијата на директорот на Младинскиот културен центар) и обратно, колку други се сместија во истите канцеларии (авантурата со назначувањето на еден некогашен професор по фискултура за директор на струмичкиот Центар за култура). Истата практика продолжува не само на водечките места туку и во самите редови на истите тие институции каде што се вработуваат луѓе без адекватно образование и речиси никакво портфолио на успеси во дејноста. Авторитетите во професијата ги има сѐ помалку.
Практиката, пак, покажува дека директорите на некои од најуспешните културни институции во светот всушност немаат мандат, многумина ја почнуваат и ја завршуваат својата кариера на истата функција, често прекината со завршувањето на нивниот живот. Така, на пример, операта „Метрополитен“ во Њујорк, основана уште во 1883 година, ги имала некои од најдолговечните раководители. Џулио Гати-Касаз имал мандат од цели 27 години, од 1908 до 1935 година. Неговото планирање на моделот, авторитативните организациски способности и брилијантни улоги ја одвеле операта „Метрополитен“ во доба на уметнички иновации и музичка исклучителност. Со себе го донел и одличниот диригент Артур Тосканини. Успешно ја водел куќата и низ годините на Првата светска војна и низ уште едно десетлетие со премиери и нови продукции. По него, Едвард Џонсон е именуван за генерален директор, кој ѝ служел на операта во наредните 15 години, водејќи ја „Мет“ низ годините на депресијата и на Втората светска војна. Го наследува Рудолф Бинг, кој служи на функцијата од 1950 до 1972 година и кој е сметан за еден од највлијателните и најреформистички водачи на куќата. Тогаш, заедно со Њујоршката филхармонија, се изградени Линколновиот центар за сценски уметности и новата зграда на операта „Метрополитен“.
Практиката, пак, покажува дека директорите на некои од најуспешните културни институции во светот всушност немаат мандат, многумина ја почнуваат и ја завршуваат својата кариера на истата функција, често прекината со завршувањето на нивниот живот. Така, на пример, операта „Метрополитен“ во Њујорк ги имала некои од најдолговечните раководители, со мандати од две-три децении, а Џозеф Волп, кој бил еден од нив, почнал како столар во институцијата
Џозеф Волп е третиот најдолговечен директор на „Мет“, а почнал како столар во институцијата. Оваа оперска куќа со 3.800 седишта годишно изведува повеќе од 200 претстави што ги гледаат речиси 800.000 љубители на операта… И ова не е исклучок од правилото, познато е дека најголемите и најуспешни институции се водени од исти луѓе со години и децении, сѐ додека ја исполнувале успешно својата работа.
Кај нас, министрите и директорите во културата се менуваат често како валкани чорапи. Само во годиниве на пандемија, и кризата во културата поттикната од неа, време кога беа, и сѐ уште се ставени во застој и онака скромната културна понуда и побарувачка, кога културните простори беа затворени во поголем дел до времето, многу настани без откажани или одложени, а креативците сѐ потешко заработуваа за живот, кога светот алармираше за брзо дејствување за поддршка на секторот што сѐ повеќе оди во економска пропаст, ние сменивме дури тројца министри. И сето тоа во време кога светот се бори за постепено повторно отворање на културните простори за јавноста, за правно и административно признавање на специфичниот статус на културните работници на повисоко ниво, за поедноставување на процедурите за добивање паричен надоместок и продолжување на роковите, за поголема финансиска поддршка за уметничко творење…