Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17 до 23 јануари 2022 година, тестирани се 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, со намалување од 15,6 отсто во однос на една недела претходно. Регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5 отсто во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (6.045 или 52,6 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево (1.127,9 заболени на 100.000 жители). Процентот на позитивност просечно е 29,1 отсто.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39 години (23,4 проценти) и 40-49 години (20,9 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (2,3 отсто). Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години (со зголемување од 30,9 отсто) и возрасната група постари од 60 години со зголемување од 17,1 отсто во однос на претходната недела. Се регистрира намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 10-19 години (-15,3 отсто) и 20-29 години (-18 отсто) во однос на минатата недела.
Со статус „оздравени“ се стекнале 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, што е зголемување од 25 проценти во однос на претходната недела.
-Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, за 76,4 проценти повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (38). Во однос на возраста, најголем број, 85 или 87,6 проценти од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се 8 починати лица и кај возрасната група од 50-59 години, двајца од 40-49 години и двајца од 30-39 години – информираат од Министерство за здравство.
Заклучно со 22 јануари 2022 година, вакцинирани се вкупно 864.759 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и во странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.