Фото: Горан Анастасовски

Занимливости

Белоглавиот мршојадец, кој припаѓа на семејството јастреби, е голема птица со распон на крилјата од 2,3 до 2,8 метри. Тежината кај мажјаците се движи од шест до 10 килограми, а кај женките од шест до 11 килограми. Тие се карактеризираат со бела глава, голем распон на крилјата и кратка опашка.
Овие мршојадци имаат големо тело и најчесто се хранат со трупови на мртви животни, кои ги наоѓаат во природата.
Најчесто се движат во јата и имаат свои колонии на карпите. Женките несат по едно јајце, а го лежат двата родитела. Инкубацијата трае педесетина дена, а младенчето го напушта гнездото на возраст од три месеци. Можат да живеат повеќе години, а во заробеништво е забележан случај кога еден мршојадец живеел 40 години.
Во Македонија најмногу се сретнува во клисурата на Црна Река, во реонот на Демир Капија, кај езерото Матка, во околината на Тиквешко Езеро, планината Осогово и во Мариово. За свои колонии ги избира кањоните на Црна и Бела Река, како и на Градешка Река, поради поволните услови за гнездење.
Во нашата држава, белоглавиот мршојадец е трајно заштитен со закон, односно строго е забрането негово убивање.
Покрај Македонија, белоглавиот мршојадец живее и во пошироките предели на јужна Европа, северна Африка и Азија. Благодарение на широките крилја може да прелетува огромни пространства користејќи ги поволните ветришта.