Извршниот и Централниот одбор на СДСМ вечерва едногласно ги избра новите министри од најголемата владеачка партија, како и програмата на мандатарот Ковачевски.
Новиот состав на владата тој утре ќе го достави до Собранието. Во своето обраќање Ковачевски оцени дека станува збор за, како што рече, докажани луѓе во своите сектори. Во однос на приоритетите на својата влада, мандатарот подвлече дека тоа е справувањето со енергетската криза, а за таа цел ќе бидат преземени низа мерки за енергетска стабилност.
Тој кажа дека нема да има покачување на даноците бидејќи граѓаните очекуваат стабилност во наредниот период.
СДСМ во владата ќе ги предложи: Славица Грковска за вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски повторно ќе биде министер за земјоделство, Никола Тупанчевски ќе биде нов министер за правда, додека Бојан Маричиќ ќе биде вицепремиер за евроинтеграции.
Славјанка Петровска ќе биде министерка за одбрана, Бисера Костадиновска Стојчевска е предложена за министерка за култура, а Јована Тренчевска за труд и социјална политика.
Фатмир Битиќи, Благој Бочварски и Горан Милевски остануваат на досегашните позиции.