Италија

Италија годинава ќе издаде 69.700 работни дозволи за странци и од земји надвор од Европската Унија, што е двојно повеќе од претходните шест години. Уредбата на Владата, со која значително се зголеми квотата на дозволи за работа, е одговор на зголемените барања на пазарот на трудот, каде што има недостиг од работна сила, како и во повеќето западноевропски земји. Од речиси 70.000 работни дозволи, 42.000 ќе бидат наменети за сезонски работници во земјоделскиот и туристичкиот сектор, а 27.700 на неопределено време во градежништвото и транспортот на стоки и логистика. Сите работни дозволи се однесуваат на државјани на 31 земји, вклучувајќи ги и земјите од Балканот.
– Седумдесет илјади луѓе можат легално да се вработат во италијанската индустрија. Ова е нашиот одговор на барањата на пазарот на трудот, кои се уште повисоки, особено во градежниот сектор – рече премиерот Марио Драги, објавувајќи го таканаречениот декрет за проток на странски работници во земјата. Тој ја најави можноста дека во 2022 година квотата за дозволи може дополнително и да се зголеми.

Подготвил: Дејан Србиновски