Босна и Херцеговина
Поскапувањата на цените на горивата, енергентите, но и намирниците на светско ниво, предизвика бран од поскапувања на храната и во БиХ. Како што јавуваат босанските медиуми, деновиве значително се зголемени редиците и посетите на граѓаните на народните кујни во земјата, кои делат бесплатни оброци.
– Имам пари да ги плаќам само струјата, телефонот и лековите, а на крајот сосема малку останува за храна. Секоја минута има нови поскапувања, принудени сме да бараме помош и храна во народните кујни – вели жител на Бања Лука.
Инаку, во декември минатата година, потрошувачката кошничка на синдикатот во Република Српска за првпат надмина 2.000 конвертибилни марки (КМ), додека просечната плата е нешто повеќе од 1.000 КМ. Во меѓувреме, властите во земјата велат дека без подобрување на економијата во државата не може да се подобри и стандардот на населението. Економските експерти апелираат до Владата во наредните шест месеци да ги намали акцизите на горивата, со што директно би се намалила и цената на превозот на стоките, а тоа би предизвикало и намалување на цената на храната и основните намирници.
Подготви: Дејан Србиновски