„Македоника литера“ неодамна ги објави томовите 7, 8 и 9 од серијата „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“, двојазично, на македонски и на англиски јазик, со што е комплетирана серијата. Серијата беше публикувана паралелно со публикувањето на кинески и на англиски јазик во Пекинг, Кина. Оваа серија ги содржи најсуштинските мисли, концепти и фрази, кои во период од неколку милениуми ги создал кинескиот народ и кои и денес се од суштинско значење за кинеската филозофија, хуманистичкиот дух, начинот на размислување и вредностите.
Овие концепти и изрази се одраз на мудроста на кинескиот народ, на неговата длабока духовна потрага, како и на длабочината и широчината на неговата мисла.
Овие „Клучни концепти на кинеската мисла и култура“, всушност, го даваат клучот на прашањето зошто кинеската цивилизација е најдолгата жива цивилизација и зошто и денес е многу моќна и просперитетна. Тие ја сочинуваат суштината на тоа што се смета за најдоброто во традиционалната кинеска култура и се напишани со пристапен стил и јазик за широк круг читатели. Целите на проектот се да се објаснат концептите во кинеската мисла и култура, кои ги одразуваат карактеристиките на традиционалната култура на земјата и начинот на размислување на кинескиот народ и кои ги отелотворуваат основните вредности на Кина. Во проектот беа вклучени познати експерти, преку одбор на советници, експертска комисија и академски комитет, односно близу 90 познати експерти за литературата, уметноста, историјата, филозофијата и преведувањето. Проектот беше воден од издавачката куќа ФЛТРП во Пекинг, во соработка со Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Секој том содржи по 100 клучни мисли, за кои се дадени концизни и прецизни објаснувања, а потоа се поткрепени со цитати поврзани со тие клучни мисли. Доминира старокинеската мудра мисла. Освен предговор на три јазици (македонски, кинески и англиски), секој том содржи и прилози: список на клучните мисли и куса хронологија на кинеската историја.