Благоја Димовски, вљубеник во аматерскиот велосипедизам
Благоја Димовски е еден од првите луѓе на велосипедскиот клуб „Експлор Македонија тур“. Тој, заедно со Борис Петрушевски, веќе десет години е на чело на ова здружение на љубителите на велосипедизмот, кое е непрофитабилно и нема членарина, освен добра волја да се живее здраво и да се ужива во дружбата и во новите искуства. На 17 март наредната година, клубот, кој има три илјади члена, ќе прослави 10 години постоење. Тие организираа и хуманитарна акција и собраа 80 пакетчиња за децата што ќе ја поминат новогодишната ноќ во скопските болници.
Како се роди оваа успешна приказна на две тркала?
– Бев петто или шесто одделение кога татко ми ме зеде со него да возиме првпат една долга релација на велосипеди, од Скопје до Катланово, во должина од 60 километри. Всушност, за мене тоа беше како службено возење, постојано бев зад него, не смеев да престигнувам, ниту да разговарам со него. Возев велосипед од марката „ФБП 26“ и издржав храбро. Кога се вративме, му реков на татко ми: „А сега може да се повозам во парк, онака за себе“. Оттогаш, веројатно, го засакав велосипедот. Пред десетина години велосипедите сѐ уште не беа во мода како сега, ниту имаше толку патеки за возење.
Која беше вашата прва подолга тура?
– Првата подолга тура во траење од шест-седум часа ми беше на релацијата Скопје – Свети Николе – Скопје, а ја извозевме јас и братучед ми Здравко Ацевски. Поминавме 130 километри во еден ден. Поискусните велосипедисти ми рекоа „не е страшно“, ама не беше баш лесно. Кога се вратив, се пошегуваа дека ако ми кажеле како е навистина немало да отидам.
Десет години е добар период за сумирање на она што е направено, дали сте задоволни?
– Се гордееме со досегашните 350 тури и со дваесетината хуманитарни акции што ги организиравме. Ќе продолжиме со истиот ентузијазам и енергија, ништо нема да смениме, а може да вклучиме уште луѓе во организацијата. Немаме членарина, единствено собираме пари за тридневната тура во Охрид во јуни. Инаку, на секоја тура имаме касичка, ја викаме Целе и сите ставаат пари, кој колку има. Постојано имаме нови членови, најстариот наш член има 70 години и е во одлична физичка форма. Помладите, пак, до 18 години треба да дојдат со придружник.
Веројатно за време на турите имате интересни случки?
– Најмногу анегдоти има на охридската тура. Обично на полноќ тргаме за Охрид, преку Гостивар и Маврови Анови, а некаде пред Дебар се случува и мечиња да ни претрчуваат на патот. Оттука почнува потешкото, а следната пауза е по 25 километри. Од Дебар до Струга е најубавото парче за возење, прекрасна е природата и сѐ е некако нестварно, особено ако има магла над Дебарско Езеро. Токму тука имаш впечаток дека го дишеш најчистиот воздух со полни гради. До Струга сме „скапани“. Но кога се фотографираме кај таблата пред Охрид, сите се препородени, живнуваат, се шегуваат.
Велите „бајкерите“ се многу хумани, како го манифестираат тоа?
– Има многумина што подаруваат делови за велосипед, па и велосипеди, бајкерска гардероба, а имавме и една акција што ја насловивме „Бајк а бади“, по што се роди идејата да донираме пакетчиња за болните дечиња за Нова година. Овој пат собравме 80 пакетчиња што ќе бидат поделени на две клиники во Скопје, во Градската и во Болницата за белодробни заболувања во Козле. Дечињата ги поздравуваме облечени како бајкери и им порачуваме дека, освен фудбалот, и велосипедизмот е една од најважните споредни работи во светот, со молба, кога ќе видат некој како вози да му мавнат. Сакам да им се заблагодарам на сите што придонеле за единственото нешто за кое ова го правиме, а тоа се многубројните искрени детски насмевки. Хуманитарна акција со пакетчиња во Скопје се одржа и во Загреб, во соработка со клубот „Рама“, чии членови летоска ни беа на гости. Желба ни е да се рашири оваа убава идеја на Балканот и пошироко.