Не се планира отстранување на балсамираното тело на Владимир Илич Ленин од Мавзолејот на Црвениот плоштад во Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на новинарско прашање на неодамнешната прес-конференција.
– Тоа прашање не е актуелно, зашто има многу други поважни прашања и проблеми – истакна тој.
Ленин починал на 21 јануари 1924 година во својата резиденција во Горки, крај Москва, во 53-та година. Како што наведува агенцијата „Тас“, тој не оставил никакви писмени упатства за местото на неговото погребување. Неговото тело на 22 јануари 1924 година било балсамирано, како начин на оддавање последна почит на починатиот водач. Подоцна е донесена одлука телото да се причува на подолг период, а изградбата на сегашниот мавзолеј била завршена во 1930 година. Лениновиот мавзолеј во 1990 година е ставен на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, заедно со московскиот Кремљ и Црвениот плоштад, како примери за „симболичката монументална архитектура“ на Советскиот Сојуз.