КОШАРКА – ФИБА ЕВРОПА ПОТВРДИ

Македонија в година домаќин на две младински ЕП

Бордот на ФИБА Европа ги потврди апликациите за организацијата на две младински европски првенства (ЕП), по едно во машка и во женска конкуренција, што треба да се одржат во Македонија в година. ЕП од дивизијата Б во женска конкуренција (кошаркарки до 20 години) ќе се одржи од 9 до 17 јули во Скопје, каде што од 12 до 20 август ќе се игра Европското кадетско првенство од дивизијата А (генерација кошаркари родени во 2006 година и помлади), откако две години во низа ова ЕП беше одложувано поради пандемијата на ковид-19.
Во другите категории, машката селекција до 18 години ќе се натпреварува на ЕП во дивизијата Б во Романија (од 16 до 24 јули). ЕП за кошаркари до 20 години ќе се игра во Грузија (16-24 јули). Женската репрезентација до 16 години ќе игра на ЕП во БиХ (6-14 август), а две години постарите кошаркарки на ЕП дивизија Б во Австрија (24 јули-1 август), информираат од Кошаркарската федерација на Македонија. Г.И.


ФУДБАЛ

Мбапе и Левандовски се против играње СП на две години

Францускиот напаѓач Килијан Мбапе и полскиот центарфор Роберт Левандовски изразија загриженост во врска со предлогот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за одржување светски првенства (СП) на две години, пишува „Би-би-си“.
– СП е нешто посебно, бидејќи се одржува на четири години. Тоа е најдоброто натпреварување во светот. Ако се одржува на две години ќе стане нормално да се игра на светско првенство. Сакам да кажам дека тоа не е нормално, тоа треба да биде нешто неверојатно. Играме над 60 меча во една година. Има европско првенство, СП, сега и Лигата на нациите. Среќни сме што играме, но премногу е. Мораме да закрепнеме, мораме да бидеме релаксирани. Ако луѓето сакаат квалитетни мечеви, емоции, за да ја видат убавината на фудбалот, мислам дека треба да се почитува здравјето на играчите – вели Мбапе (23), кој ѝ помогна на Франција да триумфира на СП 2018.
Слично вели и Левандовски.
– Имаме многу натпревари секоја година, многу напорни недели, не се само мечевите, туку и подготовките за сезоната, подготовките за големите турнири. Ако сакате да понудите нешто посебно, нешто различно, потребен ни е и одмор. Со СП на две години високото квалитетно ниво ќе опадне, физички и психички е невозможно да се издржи – рече Левандовски (33) на доделувањето на наградите на „Глоуб сокер“ во Дубаи, пренесе „Би-би-си“. Л.Д.