До 17 јануари ќе има нова Влада, смета претседателот на Собранието, Талат Џафери. Прашан што ако нема мнозинство, Џафери е дециден дека има 64 пратеници. Според него, доколку утре се додаде мандатот за состав на Влада кај претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, тогаш на 16 јануари ќе треба да се гласа нов состав на Влада.

– Утре треба да е денот за доделување на мандатот, тоа е претседателот на СДСМ. Од тој момент претседателот на државата треба да го извести претседателот на Собранието за да почнат роковите во Собранието да течат. Мандатарот во рок од 20 дена треба да излезе пред Собранието со предлог за состав на новата Влада. Се надевам дека мандатарот нема да оди до крајните рокови, согласно сите направени преговарања – кажа Џафери.

За нов состав на Влада ќе може да се дискутира само два дена, односно седницата ќе треба да заврши на 16 јануари според Талат Џафери.

„Во моментот кога ќе се добие програма и состав на Владата, тогаш почнува рокот на Собранието во рок од 15 дена да свика седница за нова Влада. Седницата трае 2 ден. Очекувам на 10-11 јануари да добијам предлог состав на нова Влада. Најверојатно седницата ќе е 15-16 јануари. Вториот ден, на 16 јануари да се изгласа нова Влада пред полноќ и на 17 јануари да има нова Влада“, посочи Џафери.