Астрономите открија десетици „одметнати“ егзопланети кои талкаат по Млечниот Пат. Станува збор за планети без „матична“ ѕвезда за да ги задржи во орбитата. Потврдено е постоењето на група од најмалку 70 такви космички „талкачи“, но бројката би можела да достигне и до 170, покажува новата студија, што ја пренесе „Русија денес“.

Досега се откриени само неколку такви планети, кои имаат маси слични на некои од планетите во нашиот Сончев систем, како што е Јупитер, а оваа најнова група ја претставува најголемата „збирка“ на такви планети познати на човекот.

Според наодите објавени во списанието „Нејчр Астрономи“, откриените планети се во галаксијата Млечен Пат на околу 420 светлосни години од Земјата.

Ваквите „талкачки“ светови невозможно е да се забележат бидејќи обично се далеку од која било ѕвезда што би можела да ги осветли. Меѓутоа, истражувачите од проектот „Космички танц во астрофизичката лабораторија во Бордо“ ги барале нивните термички потписи и други индикатори кои би можеле да ги детектираат чувствителни камери на големи телескопи.

– Ги измеривме малите движења, боите и светлината на десетици милиони извори на голема површина на небото. Овие мерења ни овозможија со сигурност да ги идентификуваме објектите што најмалку се набљудуваат во регионот, планетите кои талкаат – вели главниот автор на истражувањето Нуира Мирет-Роиг.

Бидејќи овие планети се стари само неколку милиони години, тие сè уште се доволно млади за да испуштаат топлина и инфрацрвено зрачење. Скенирајќи две децении собрани податоци од телескопи на Земјата и во вселената, научниците пронајдоа најмалку 70 светови со големина на Јупитер, во соѕвездијата Скорпија и Змијоносец.

Водачот на проектот, Ерве Буј пак рече дека податоците од десетиците илјади слики на широко поле што тимот ги проучувал за време на стотиците часови набљудување се со големина од десетици терабајти. Неуспехот да се одреди точниот број на овие светови се должи на неизвесноста за нивната точна маса.

Според Европската јужна опсерваторија, небеските објекти околу 13 пати поголеми од Јупитер најверојатно ќе завршат како т.н. „неуспешни ѕвезди“, познати и како „кафени џуџиња“. Сè уште малку се знае за тоа како настанале овие планети и зошто биле „исфрлени“ од нивниот матичен Сончев Систем. Но, Буј вели дека малку може да се направи со постоечката опрема за нивно проучување бидејќи планетите се исклучително слабо видливи.