Се очекува 5Г да биде можеби и главен мотиватор за развој во секој индустриски сектор, вели Игор Бојаџиев/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Игор Бојаџиев од АЕК за имплементацијата на петтата мобилна генерација

Во тек е тендерот распишан од АЕК за доделување одобренија за користење радиофреквенции за 5Г, на кој заинтересираните страни можат да се јават до среда. Jавното отворање на понудите е предвидено за 5 јануари, со што се очекува целиот процес за воведување на 5Г-технологијата во Македонија да заврши во март в година. Интерес пројавија и страни кои во моментов не обезбедуваат мрежи/услуги во Македонија, покрај постоечките два мрежни оператора. За очекување е операторите да ги користат фреквенциските опсези согласно нивните пропагациски карактеристики, вели Игор Бојаџиев Бојаџиев, советник на директорот за радиокомуникации и контрола и мониторинг на радиофреквенции во АЕК

Обезбедени се сите услови за воведување на 5Г-технологијата во Македонија, која се очекува да поттикне развој на индустријата и да доведе до мобилно поврзано општество, што би можело да донесе и раст на економијата. Во тек е тендерот распишан од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за доделување одобренија за користење радиофреквенции за 5Г, на кој заинтересираните страни можат да се јават до среда. Јавното отворање на понудите е предвидено за 5 јануари, со што се очекува целиот процес за воведување на 5Г-технологијата да заврши во март в година. Игор Бојаџиев од АЕК за „Нова Македонија“ детално го објасни начинот на функционирање на петтата мобилна генерација, процесот за нејзино воведување, како и за очекуваните придобивки, со цел да ја доближи тематиката до јавноста.

– Во тек е поднесување на понудите од заинтересираните страни со рок до 29 декември. Интерес пројавија и страни кои во моментов не обезбедуваат мрежи/услуги во Македонија, покрај постоечките два мрежни оператора. Мора да се знае дека Македонија е единствена држава во Европа во која егзистираат само два мрежни оператора. За разлика од нас, државите во Европа, слични на Македонија по географска конфигурација и по население, како на пример, Косово, Словенија, Кипар, Црна Гора, Малта, Фарски Острови… имаат најмалку по три мрежни оператори. Европската комисија во извештаите за напредокот на Македонија тоа постојано го нотира, што го стори и во последниот од 19 октомври годинава. Затоа во условите од јавниот тендер АЕК ја ограничи можноста на постоечките два мрежни оператора во Македонија кои се суперсилни, да можат да конкурираат за одобренијата А1 и Б1, кои се наменети за доделување на нов мрежен оператор – истакнува Бојаџиев.

На 1 јуни годинава во согласност со Законот за електронските комуникации (ЗЕК) АЕК објави намера за доделување на радиофреквенциските опсези кои се наменети за воведување на 5Г – 700 мегахерци (МХц), 3,6 гигахрерци (ГХц) и 26 ГХц, при што операторите изразиле интерес за опсезите од 700 МХц и 3,6 ГХц.

– За очекување е операторите да ги користат фреквенциските опсези согласно нивните пропагациски карактеристики. Би требало опсегот 700 МХц да биде употребен за обезбедување на покриеност, особено по патиштата и по руралните средини, а опсегот 3,6 ГХц да се употреби за покривање на урбаните средини, каде што е потребен поголем капацитет и се очекува побарувачката на интернет да биде значително зголемена. Исто така и останатите радиофреквенциски опсези може да се користат за обезбедување на мрежи/услуги од 5Г од причина што законот предвидува технолошка неутралност, а за очекување е најпрво од останатите опсези 5Г да се имплементира во опсегот 2.100 МХц – посочува Бојаџиев, кој е советник на директорот за радиокомуникации и контрола и мониторинг на радиофреквенции во АЕК.

Игор Бојаџиев/Фото: Маја Јаневска-Илиева

За обезбедување на сите технички предуслови битни за воведување на 5Г биле потребни одредени прилагодувања за опсезите. За таа цел, во Македонија беше спроведена национална координација предводена од АЕК за опсегот 700 МХц, кој е меѓународно регулиран со мултилатерална рамковна спогодба. Оваа спогодба е потпишана од сите држави во регионот, со исклучок на Албанија.

– Пред сѐ, особено битно беше да се обезбедат сите технички предуслови за да може имплементацијата на 5Г да се воведе без проблеми. Во сите споменати опсези беа потребни определени прилагодувања. На пример, во опсегот 700 MХц (694-790 Мхз) работеа два оператора кои обезбедуваа мрежи/услуги за дигитална телевизија (ДВБ-T). Требаше да се направи соодветно репланирање и сите ДВБ-Т предаватели да се поместат со работа во опсегот под 694 МХц. Во моментов активно координираме и со Албанија за од нивна страна да се регулираат емисиите од ДВБ-Т предавателите на територијата на Македонија и да се обезбеди непречена работа на македонските оператори. Очекувањата се дека Албанија ќе го очисти опсегот во 700 МХз до следното лето – вели Бојаџиев.

Придобивките од 5Г-мрежите вообичаено се изразени преку техничките параметри за интернетот (зголемена брзина, помало доцнење, зголемен пропусен опсег, поголема поврзаност, достапност и покриеност), но главните бенефити ги надминуваат границите на традиционалните електронски комуникации.

– Можеби најбитна придобивка е тоа што градењето на 5Г-мрежите е тесно поврзана и со градењето на кабелските мрежи од следна генерација (оптика). Покрај значајните подобрувања во брзината и надежноста на врските, главните придобивки кои ги надминуваат границите на традиционалните електронски комуникации, сепак лежат во еволуцијата на новите бизнис-модели и различните типови на клиенти и партнерства. Со имплементација на 5Г операторите ќе понудат и можност директно да ги поддржат вертикалните индустрии и да придонесат кон нивната мобилизација. Партнерствата кои можат да се воспостават се повеќе слоевити, почнувајќи од едноставно споделување на инфраструктура, преку отворање на специфични мрежни карактеристики во форма на достапна услуга, се до интегрирање на партнерите во систем со помош на софтверски ориентирана архитектура. Вредностите кои се креираат при тоа вклучуваат транспарентна и сеопфатна достапност, достава на конзистентен квалитет на услуга, различни типови на интеракција, персонализација на услуги, високонадежна комуникација. Се очекува 5Г да биде можеби и главен мотиватор за развој во секој индустриски сектор. Мобилното поврзано општество и целосната дигитална инфраструктура се предуслов за модерна индустрија, а секако дека тоа носи и раст на економијата – заклучува Бојаџиев.


Придобивки од 5Г изразени преку техничките параметри

– зголемена брзина до 10 ГБ/с,

– доцнење помало од една милисекунда,

– 1.000 пати зголемен пропусен опсег,

– 100 пати повеќе поврзани уреди

– 99,99% достапност

– 100% покриеност


Секој може да побара бесплатна проверка на нејонизирачкото зрачење

АЕК има обврска да го мери нејонизирачкото зрачење од сите извори, а секој граѓанин може да поднесе бесплатно барање за мерење на зрачењето. Резултатите од мерењата на 5Г тест-мрежите на македонските оператори покажале оти нивното зрачење е значително помало во однос на останатите извори и е значително пониско од пропишаните норми, според Бојаџиев. Повеќе информации за мерењата можат да се најдат на следниот линк.

– Една од обврските која ја има АЕК, согласно ЗЕК, е да го мери нејонизирачкото зрачење кое потекнува од сите извори на емисија. АЕК поседува соодветна мерна опрема и стручна служба која спроведува ваков тип на мерења. Изминатиов период и двата мрежни оператори Македонски Телеком и А1 Македонија имаа добиено привремени одобренија за тестирање на нивните 5Г тест-мрежи. АЕК го искористи тоа тестирање и спроведе мерења на нејонизирачкото зрачење и на двете тест-мрежи. Резултатите од мерењата покажаа дека нејонизирачкото зрачење кое потекнува од 5Г тест-мрежите е значително помало отколку нејонизирачкото зрачење кое потекнува од останатите извори и е значително пониско од пропишаните норми. Слободно може да се смета дека од тој аспект 5Г-мрежите се многу побезбедни, отколку мрежите од постоечките технологии. При тоа сакам да напоменам дека мерењата се спроведени во најлошо можно сценарио, односно кога целокупната енергија од 5Г тест базните станици е насочена кон мерниот уред. Инаку, секој граѓанин на Македонија може да поднесе барање до АЕК за мерење на нејонизирачко зрачење кое е бесплатно и во договор со стручна екипа од АЕК ќе договорат термин за мерење, по кое на подносителот на барањето му се доставува извештај од мерењето – информира Бојаџиев.


Кина веќе работи на 6Г-технологија

Кина веќе работи на 6Г-технологијата, како што посочија нејзините претставници на Светската конференција за радиокомуникации одржана во Шарм ел Шеик, Египет, во 2019 година, каде што Македонија учествуваше преку АЕК.

– На конференцијата имаше претставници и од Кина кои веќе работат и започнаа разговори за нова генерација 6Г и за начините како таа би се вовела и во кои опсези. Сето ова сега е само почеток и се очекува на следната конференција во 2023 година да се развие значителна дискусија по ова прашање – наведува Бојаџиев.