Филмовите официјална конкуренција се избрани од пријавениот огромен број анимации, меѓу кои најголем број од Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други
Под мотото „Каде бајките оживуваат“ ќе се одржи дванаесеттото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови Анимакс Скопје Фест.
Настанот ќе се одржи од 24 до 25 декември во Кинотека на Македонија.
На него ќе бидат прикажани 25 анимирани филмови во официјалната програма и 9 анимирани филмови се наменети за детската публика.
Филмовите официјална конкуренција се избрани од пријавениот огромен број анимации, меѓу кои најголем број од Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други.
Овогодинешната жири комисија ја сочинуваат м-р Мими Ѓорѓовска Илиевска, д-р Лазе Трипков и Илчо Симовски.
Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20.00 часот.
Проекцијата на филмови за деца ќе се одржи на 25 декември (сабота) со почеток во 17.00 часот Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Сите проекции се бесплатни.
-„Мудрите луѓе велат: – Колку е поголемо делото – толку се поголеми искушенијата. Овој период на планетарно ниво повикува на преиспитување, на донесување одлука. Нихилизмот се чини дека е ново воспоставена религија, но вистинскиот автор секогаш е смел во потрагата по единствената вистина. Други автори пак ја сликаат стварноста без да очекуваат иманентен одговор; ја прикажуваат вехементноста на времето и просторот; и размислата ја оставаат на оние кои ја восприемаат нивната уметност. Наркатко вака би можел да ја опишам програмата на овогодинешното издание на Анимакс Скопје Фест“ – вели основачот и директор на фестивалот Кузман Кузмановски.
Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје Фест е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.