Коронавирусот од варијантата омикрон разви способност за избегнување на имунолошкиот систем, но истовремено се загрозени неговата способност за репликација и неговата патогеност…

БРИТАНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ ЈА РАЗОТКРИВА СИЛАТА НА ОМИКРОН

Британското истражување покажа дека варијантата на коронавирусот омикрон би можела да биде помалку опасна за белите дробови од претходните варијанти на вирусот што ја предизвикуваа болеста ковид-19. Студијата на Институтот за тераписка имунологија и заразни болести во Кембриџ заклучи дека мутациите на шилците на вирусот, поради кои омикрон може да ги избегне антителата, исто така може да го ограничат начинот на кој вирусот се реплицира во белите дробови, што, пак, се поврзува со развој на тешка форма на болеста.
„Овие заклучоци укажуваат на тоа дека омикрон разви способност за избегнување на имунолошкиот систем, но истовремено се загрозени неговата способност за репликација и неговата патогеност“, се наведува во заклучокот на студијата.
Водачот на ова истражување, Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ, изјави дека нè очекуваат голем број предизвици, иако на прв поглед изгледа дека заклучоците се позитивни. Тој на Твитер напиша: „Што значи сево ова? Ефективната инфекција на белодробните клетки може да биде во корелација со сериозноста на белодробната болест. Клетките со повеќе јадра – наречени синциции – често може да се видат во респираторните ткива, земени по тешката болест. За разлика од омикрон, делта беше многу успешна во инфицирањето на белодробното ткиво и во создавањето тешки форми на болеста. Потребни се понатамошни истражувања“.
Да резимираме – ова истражување наведува на заклучокот дека омикрон станал поотпорен на имунитетот, но и дека неговите карактеристики поврзани со напредок на болеста можат до одредена мера да бидат ослабени. Значителното ширење на омикрон, сепак, претставува голем предизвик за јавното здравство.
Резултатите од студијата беа објавени откако британската советодавна медицинска групација „Сејџ“ (SAGE) излезе со ажурирана процена, во која се вели: „Речиси е сигурно дека во Англија сега секојдневно има стотици илјади нови случаи на инфицирани со омикрон“.
Ова ги поттикна најавите дека по Божиќ би можеле да бидат воведени уште построги пандемиски ограничувања.
Во друго, независно од првото истражување, британските научници дојдоа до нови интересни сознанија. Инкубацијата по инфекцијата со коронавирусот е меѓу два и 14 дена, но се смета дека периодот на инкубација на омикрон е значително пократок, односно трае само од три до пет дена, се вели во најновиот извештај на Светската здравствена организација што го објави „Индепендент“.
– Пократкиот период на инкубација го прави вирусот „многу, многу потежок за контрола“ – изјави Џенифер Нуцо, епидемиолог од Центарот за здравствена безбедност на универзитетот „Џон Хопкинс“. Н.М.


Зошто е важно да се прими дополнителна доза на вакцината против ковид-19

За новиот сој на коронавирусот – омикрон – и за она што би можело да се случува во наредните месеци во однос на ковид-19, ги пренесуваме одговорите на вирусниот имунолог, проф. д-р Стјепан Јоњиќ, раководител на Катедрата за хистологија и ембриологија при Медицинскиот факултет во Риека.
Има ли новости во однос на омикрон, поврзани со тежината на симптомите?
– Се надевам дека ништо не сум пропуштил, зашто настаните се менуваат како на лента, но досега немам видено публикации во врска со оваа тема. Сепак, според некои информации, оваа варијанта наводно предизвикува малку поблаги симптоми на болеста. Во секој случај, треба да имаме предвид дека голем дел од населението е вакциниран и допрва треба да следуваат подетални истражувања, кои селективно ќе ги прикажуваат вакцинираните и невакцинираните луѓе, како и оние што ја немаат прележано болеста.
Зошто новите соеви, и покрај вакцинацијата, успеваат да го избегнат имунолошкиот систем?
– Затоа што мутациите на С-протеинот на овој вирус ја променија неговата структура, особено доколку мутациите се на делот од протеинот што ги препознава т.н. неутрализирачки антитела. Вообичаено, мутациите се случуваат за време на репликацијата на вирусниот геном, а мутантите – кај кои промените им отежнуваат на антителата да ги препознаат – имаат предност, бидејќи го заобиколуваат имунолошкиот надзор.
Зошто е важно да се прими дополнителна доза од вакцината за заштита од новиот сој?
– Пред сè, треба да се каже дека тоа не зависи само од вакцината туку и од биологијата на одредени вируси. Имунолошкиот одговор стекнат со вакцината со текот на времето слабее, што е нормално. Меѓутоа, кај вакцинираните лица, по инфицирањето, имунолошката меморија доведува до брз одговор. Сепак, со оглед на тоа што количеството антитела на местото на влезот на вирусот (слузницата на респираторниот систем) со текот на времето почнува да слабее, а вирусот се менува – како во случајот со оваа нова варијанта – неопходно е да дојде до зајакнување на имунолошката меморија. Секако, доколку новите варијанти се отпорни на претходно создадените антитела, се поставува прашањето: зошто тогаш има потреба од дополнителна доза? Иако ова во принцип е точно, ситуацијата сепак не е црно-бела, бидејќи тешко е да се замисли дека промените во С-протеинот ќе го запрат врзувањето на сите антитела што биле создадени по пат на вакцинација. Накратко, иако послаба, сепак останува можноста некои од антителата индуцирани со дополнителната доза сепак да можат да го неутрализираат вирусот и да ја ограничат повторната инфекција. Покрај создавањето нови антитела, дополнителната доза ќе го зајакне и клеточниот имунолошки одговор, па на тој начин подобро ќе го контролира вирусот во ткивата и ќе ја спречи болеста.
Сепак, постои ли можност клеточниот имунитет да претставува заштита, дури и ако не примиме дополнителна доза?
– Се разбира, со вакцинација создаваме т.н. мемориски лимфоцити Т, кои се специфични за протеините на овој вирус. Овие лимфоцити се многу ефикасни при контролирањето на вирусот во ткивото. Секојдневно добиваме податоци дека вакцинираните лица што се заразиле, во повеќето случаи поминуваат без тешки форми на болеста, а заслужен за ова е токму клеточниот имунитет, чии главни носители се лимфоцитите Т.


Водечкиот медицински советник на Белата куќа, Ентони Фаучи,
повика на претпазливост

Ентони Фаучи, главниот медицински советник на Белата куќа во Вашингтон, САД, неодамна упати повик до Американците што планираат да патуваат во текот на претстојните празници. Тој ги советуваше да примат дополнителна или засилена доза од вакцината против ковид-19 и секогаш да носат заштитни маски, зашто само така ќе придонесат за забавено ширење на варијантата омикрон.
– Лесно преносливата варијанта на коронавирусот во овој период „пустоши низ светот“, а патувањата ќе го зголемат ризикот од инфекција, дури и меѓу вакцинираните лица. Нема сомнеж дека ќе сведочиме за неговиот понатамошен пробив – рече Фаучи во интервју за Ен-би-си.
Благодарејќи на тестирањата, омикрон е откриен во повеќе од 20 американски сојузни држави и во околу 90 други земји во светот, откако кон крајот на ноември првпат беше идентификуван во Јужна Африка и во Хонгконг.