Фото: Принтскрин/Јутуб

Израелската армија денеска се судри во Појасот Газа и во Рафа со припадниците на Хамас и покрај барањата на САД да не започнуваат инвазија во тој пренаселен град. Америка, исто така, предупреди дека на палестинските територии им се заканува повоена анархија.

Жестоки судири имало и во северниот и централниот дел на опколениот Појас Газа, јавуваат странските агенции.

Во меѓувреме, Израел се подготвува вечерва да го прослави Денот на независноста, седум месеци по почетокот на војната со Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утринава за време на Меморијалниот ден, кој му претходи на одбележувањето на Денот на независноста, изјави дека израелската војна за независност сè уште не е завршена и продолжува.

-Ние сме решени да победиме во оваа борба – рече Нетанјаху.

Минатата недела, и покрај меѓународните предупредувања, вклучително и од својот најблизок сојузник САД, Израел испрати тенкови и војници во источниот дел на Рафа, град на границата со Египет, каде што околу 1,4 милиони Палестинци се засолниле од конфликтот во други делови на Газа.

Блинкен во неделата рече дека не видел кредибилен израелски план за заштита на цивилите во Рафа, ниту план за тоа што ќе се случи ден по завршувањето на војната во Газа и предупреди на опасноста од останување на вооружените членови на Хамас и поствоен вакуум исполнет со анархија.

Жителите на Рафа денеска добија нови израелски наредби за евакуација преку телефон и СМС пораки.

Во услови на континуиран конфликт, напорите на Египет, Катар и САД да посредуваат за прекин на огнот сево застој.