Доволно созреавме како општество за да се соочиме со реалноста – патот кон ЕУ и НАТО води преку договорот со Грција за името, и таква е релноста. Сите лидери почнувајќи од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг до германската канцеларка Ангела Меркел укажаа дека нема план Б за да седиме на таа маса и сите што веќе седат, сакаат да не видат таму.
Ова денеска на прес-конференција го изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров, појаснувајќи ги сите аспекти од Договорот со Грција.
Димитров рече оти се многу цврсти гаранциите за нашиот прием во Алијансата, бидејќи договорот не може да влезе во сила ако Грција во својот Парламент не ги ратификува протоколите за наше членство во НАТО.
– Ако не се случи тоа договорот нема да стапи во сила – повтори шефот на дипломатијата.
На прес-конференцијата тој детално ги појасни сите аспекти од договорот, бидејќи, како што рече, на средбите со граѓани овие неколку седмици, увидел оти има многу дезинформации околу договорот.
Повтори дека во однос на географската одредница се додава Северна кон името Македонија.
– Државјанството ќе биде македонско/државјанин на Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. Официјалниот јазик ќе биде „македонски јазик“. Ова е важно и со ова се афирмира македонскиоит јазик.
Меѓународните кодови остануваат МК и МКД со исклучок на регистарските таблички, истакна Димитров.
Тој уште еднаш повтори дека за нас термините Македонија и македонски ја означуваат нашата територија, нашиот народ македонски народ, со сите одлики и атрибути со нашата историја, култура со наше културно наследство.
– Овде се идентитетските прашања. Нашето право на самоопределувње и самоидентификација – факт дека ова парче земја е дел од географски поширокиот регион на Македонија, има дел и во Грција и во Бугарија. Македонија се однесува на нашата територија, народот е македонски со сите одлики – посочи Димитров.
Рече дека уставните амандамани што треба да бидат усвоени по референдумот ќе ги формулира Собранието на Република Македонија, со двотретинско мозинство, со јавна дебата, со расправа по комисии, тоа е процес со цврсти рокови утврдени со деловникот.