Во парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина веќе петта година се води борба за усвојување на законот за вештачко оплодување, за што има доставено два предлога. Едниот е од Социјалдемократската партија на БиХ, а вториот е на Владата на ФБиХ. Според достапните податоци, во ФбиХ околу 50.000 двојки се борат со проблемот со неплодност, кој ги доведува до раб на финансиска издржливост.
Од кантон во кантон се разликува политиката за финансиска поддршка. Во сараевскиот и тузланскиот кантон се применува системот на рефундација на средствата. Во унско-санскиот кантон прво се одредуваат средства во буџетот, па потоа им се делат на одреден број двојки за покривање на трошоците на една постапка за вештачко оплодување. Фондот за здравствено осигурување на Република Српска финансира две постапки за вонтелесно оплодување, објави „Аваз“.
– Се надевам дека предлог-законот ќе биде ставен на првата наредна седница кон средината на април. Ова не е обичен закон, туку борба за нов живот и начин да им е овозможи достапност на здравствена заштита на сите, со почитување на европската конвенција – изјави Елвир Карајбиќ, пратеник од СДП.
Тој вели дека не е важно чиј предлог ќе добие мнозинство гласови, во услови кога не постои никаков закон. – Нашиот предлог и оној на Владата се разликуваат. Најголемата разлика е во тоа дали вештачкото оплодување се прави кога јајце-клетката и спермата потекнуваат од брачната двојка или, пак, тие можат да бидат од донор. Предлогот на СДП дава можност и ги следи светските трендови со примена на повеќе научни методи. Предлогот на Владата на ФБиХ е ригорозен и делумно го решава проблемот, но и тој е подобар ако нема никаков – нагласува Карајбиќ.