ЕУ ќе го зачува своето влијание само ако ја задржи способноста да ги обликува техничките норми и стандардите за производи што се од суштинско значење за глобалната интероперабилност на системите во областите како мобилните комуникации и интегрираните логистички системи, вели Мигел Бергер за ЕЦФР
Светот живее во ера на технолошко ривалство
Пандемијата на ковид-19, глобалниот недостиг од полупроводници и неодамнешниот пораст на цените на енергентите покажуваат колку меѓусебно поврзана и ранлива стана меѓународната трговија. Меѓутоа, во свет во кој индустриските крајни производи често содржат компоненти од стотици доставувачи на различни континенти, проблем во една точка во глобалната мрежа за снабдување, било да е предизвикан од технички тешкотии, човечка грешка или едноставна саботажа, може да има сериозни последици. Артериите што носат стоки, финансии и податоци низ светот, како и техничките стандарди и норми, долго време се жаришта за геоекономското ривалство и политичкото влијание. Како што јасно покажуваат ефектите од ривалството на велесилите, интелигентната политика за поврзување е клучна за зајакнување на геостратегиската конкурентност, суверенитетот и капацитетот за дејствување на Европската Унија (ЕУ). Таа ќе треба да постави норми и стандарди доколку сака нејзините компании да бидат конкурентни во светот, а увозните стоки да бидат безбедни и во согласност со европските вредности поврзани со одржливоста на животната средина и човековите права во производствениот процес.
Европа ја најави својата „Глобална порта“
Во своето годишно обраќање, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја најави иницијативата „Глобална порта“, која предвидува мобилизација до 300 милијарди евра до 2027 година. Иницијативата се надоврзува на неколку важни чекори што Унијата ги презеде во последниве години. Со својата стратегија за поврзување на Европа и Азија од 2018 година, ЕУ ја покажа својата подготвеност да соработува со други региони за промовирање сеопфатно и одржливо поврзување засновано на правила. Делумно благодарение на напорите на Германија, Унијата ја прошири оваа регионална стратегија во глобална политика, усогласена со можностите и предизвиците на поврзувањето. Но блокот треба да преземе уште чекори за да се придвижи кон паметно, зелено и одржливо поврзување во рамките на Европа и пошироко. Покрај тоа што се работи за глобална перспектива, потребни се соработка и можности за финансирање што се привлечни за европските партнери и кои го зајакнуваат суверенитетот на Европа. За да го поддржи овој напор, ЕУ треба да сигнализира дека паметното, зеленото и одржливото поврзување што го застапува не само што ќе ги зајакне економските врски туку и ќе ги зацврсти мирот и стабилноста во светот, но ќе придонесе и во напорите за справување со климатските промени.
Соработката како партнерство
Поради својата зависност од трговијата, ЕУ има вроден интерес за отворено, евтино и ефикасно поврзување. Таквото поврзување е одржливо само кога инвестициските проекти и договорите за соработка се дизајнирани во дух на партнерство и им служат на интересите на сите страни. Унијата треба да ги примени своите правила за внатрешно финансирање на инфраструктурата и нејзината програма за закрепнување од ковид-19 на глобалните проекти за поврзување. Овие правила, кои покриваат области како што се транспарентноста во јавните договори, еднаквите можности, борбата против корупцијата и човековите права, би можеле да му помогнат на блокот да создаде модел што ќе биде во тесна соработка со истомислениците. Во многу делови од светот сè уште се потребни големи инвестиции во патишта, железнички пруги и пристаништа. Во таа насока, ЕУ треба да спроведе проекти за рамноправно поврзување што ги опфаќаат приоритетите на нејзините партнери.
Поврзаноста како европски суверенитет
ЕУ ќе го зачува своето влијание само ако ја задржи способноста да ги обликува техничките норми и стандардите за производи што се од суштинско значење за глобалната интероперабилност на системите во областите како мобилните комуникации и интегрираните логистички системи. Суверенитетот значи постигнување политички цели заедно со партнерите што ги делат истите ставови. Тоа, пак, вклучува поддршка за партнерите додека ја модернизираат нивната инфраструктура.
Во конкуренција за развивање најдобри стратегии за поврзување во 21 век, Унијата има корист од влијанието што го има како главна регулаторна моќ, исто како и од износот на финансирање што го користи за проширување на физичката инфраструктура. Способноста да се одржи конкурентна позиција на ова поле, меѓу другото, ќе зависи и од визијата зад овие инвестиции, од нормите и стандардите со кои се усогласени и од политичката амбиција со која се направени.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска