Компаниите кои имаат сметки во Алта банка Битола од утре повторно ќе можат да ги исплаќаат платите и придонесите за социјално осигурување кон Управата за јавни приходи. Ова денеска го соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, пренесе МИА.
Славески информираше дека состојбата во Алта банка е значително стабилизирана и дека во релативно краток период се очекува да биде пронајден нов сопственик, со цел банката да продолжи да работи и да се избегне нејзино заминување во стечај.
Гувернерот посочи дека првично утврдениот лимит од 10.000 денари за повлекување средства од страна на граѓаните бил определен врз основа на почетната проценка на ликвидноста на банката. Од оваа недела лимитот е зголемен на 15.000 денари, додека корисниците на социјална помош во целост ги добиле своите средства. Пензионерите, пак, имаат на располагање значителен дел од своите пензии.
Одговарајќи на прашањата на пратениците Сања Лукаревска, Ели Панова, Сашко Јанчев, Фериде Хаџиу и Павле Арсоски, Славески се осврна и на финансиските текови меѓу Македонија и Србија преку Алта банка.
Тој посочи дека по изборите во Србија, од 25 октомври до воведувањето на мерката за ставање на Алта банка Битола под администрација, од Србија во Македонија преку банката биле приливани само 16.000 евра, додека од Македонија кон Србија биле одлеани 180.000 евра. Според него, станува збор за трансакции поврзани со редовното работење на клиентите.
Како што информираше, во 2025 година трансакциите на клиентите со Србија изнесувале 2,2 милиони евра, а заклучно со октомври 2026 година достигнале 6,2 милиони евра. Одливите од Македонија кон Србија изнесувале 5,3 милиони евра во текот на минатата година, односно 7,2 милиони евра до октомври 2026 година.
Славески се осврна и на постапката за преземање на Алта банка Битола од страна на Алта банка Белград, нагласувајќи дека Народната банка ги спровела сите законски предвидени проверки и процедури при одлучувањето за давање согласност за стекнување акции.
Тој објасни дека бил искористен максималниот законски рок од три месеци, во текот на кој барањето за купување акции било анализирано на четири нивоа. Проверките биле извршени врз основа на официјално прибавени документи од надлежни институции, а биле утврдени идентитетот на барателот, сопственичката структура и крајниот сопственик.
Дополнително, била остварена директна комуникација со домашни и странски надлежни органи, а лицата поврзани со барањето биле проверени и преку меѓународни платформи за евентуална поврзаност со сомнителни трансакции.
Според Славески, подносителот на барањето за преземање на тогашната Стопанска банка Битола немал забрана за вршење дејност.
Тој додаде дека Народната банка на Србија, од која било побарано официјално писмено известување, не изразила загриженост во однос на почитувањето на законските процедури, ниту во однос на способноста и подобноста на акционерот. Средствата за купувањето, како што наведе, потекнувале од редовното работење на Алта банка Белград и претходно биле проверени од независни ревизорски куќи, а дополнително биле анализирани и од Народната банка.
Славески посочи дека поголем предизвик во постапката била сопственичката структура на Стопанска банка АД Битола.
По обраќањето на гувернерот, пред Комисијата треба да говори и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
































