„Патриотите“ се бореа за зачувување на Македонија, а „шарените“ се бореа за демократија. И едната и другата борба беше благородна и беше праведна. Но таа војна е одамна завршена, а изгубија и двете страни. Победи Заев, кој ја сотре Македонија и целосно ја укина демократијата во земјата. Време е повторно да се сретнеме, па заеднички да го дигнеме бајракот на борбата за Македонија и за обнова на демократијата во Македонија. Време е повторно да ги освоиме македонските интелектуални и културни институции, па да ги исполниме со содржина, да им дадеме нов живот, нова полнокрвност, која ќе се изнедри од борбата за Македонија и од борбата за демократија. Време е националните институции повторно да ги помакедончиме и да ги демократизираме. Јас подавам рака и излегувам од ровот…
Што да се прави по најновото бугарско вето за почнување на македонските преговори со Европската Унија? Веќе нема никакви дилеми дека Македонија може да ги започне преговорите со ЕУ само откако ќе ги прифати рамковната позиција на бугарската влада и декларацијата на бугарското собрание. Тоа значи Македонија и формалноправно, со посебен документ или со прифаќање на преговарачката рамка со ЕУ, да се откаже од самобитноста на македонскиот народ и од посебноста на македонскиот јазик. Сето ова земјава треба да го направи уште пред да започне со преговорите. Потоа, пак, најконкретно мора да се пристапи кон промена на учебниците по историја, географија и книжевност по бугарски терк, за да се „ребугаризира“ македонскиот народ, кој, според Софија, е заблуден и „србизиран“ под влијание на осумдецениската југословенска пропаганда (веројатно и новите учебници веќе се подготвени од БАН). Ова е консензуален бугарски национален став.
Кое е, пак, бугарското дипломатско орудие за остварување на нивните национални цели кон Македонија? Европската интеграција! Јасно е дека Европската Унија е скроена на тој начин што секој судир на која било земја-членка кон трета земја, во сојузот, автоматски станува и судир на целата Европска Унија против таа трета земја. Доказот дека нештата така функционираат во европската дипломатија го искусивме на своја кожа при тридеценискиот спор со Грција, кој заврши со тотална капитулација на Македонија и национално предавство, поточно погазување на сите грижливо градени и консензуални позиции на земјава, од независноста, па да неславниот ден во Нивици. Оние што сметаат дека предавство е претежок збор, нека седнат и нека прочитаат како тогашниот претседател Бранко Црвенковски дефинира што би значело национално предавство при усвојувањето на Резолуцијата на македонското собрание за црвените линии во спорот со Грција, едногласно усвоена во 2008 година и еднострано изгазена од Зоран Заев и од неговата дружина во 2018 година.
За жал, иако ние не научивме лекции од нашиот сопствен дебакл, другите дипломатии во меѓувреме магистрирале и докторирале на таа тема. Па, така, грчката политика кон Македонија и Преспанскиот договор сега се урнек за Бугарија и за бугарската дипломатија. Однесувањето на македонската влада, а особено на Зоран Заев, кој се однесува небаре дека едвај чекал земјата да му се вика „Северна…“, на сите душмани на Македонија им ги потврди нивните шовинистички заклучоци дека воопшто не постои македонски народ, дека не постои македонски јазик и дека тука живее некакво „аморфно“ словенско население. Не само тоа туку Бугарите добро го снимиле карактерот на Зоран Заев и на неговата дружина, на кои ама воопшто ништо не им значат одбраната на сопствената држава и одбраната на сопствениот народ, дури и кога толку очигледно се загрозени од овие злокобни оспорувања од соседите. Тие се вкопани длабоко во сопствената историја и во нивните претстави за своите нации, па слабоста на Македонија и оваа налудничава политика на Зоран Заев им дејствуваат како најпогоден момент да се придвижат механизмите на историјата и да се остварат нивните големодржавни идеи. Затоа деновиве балканските шовинисти зборуваат за Македонија како „втора бугарска држава на Балканот“ и честитаат заокружување на „национален прстен Тирана – Приштина – Скопје“. Безумната политика на актуелната влада ги разбуди духовите на Санстефанска Бугарија и на Природна Албанија, а тоа е директно загрозување на суверенитетот, интегритетот и безбедноста на македонската држава.
Меѓутоа, кај Зоран Заев и неговата дружина, без разлика која ќе биде нивната инкарнација и преку која политичка кукла во иднина Заев ќе зборува, наместо да проработи инстинктот за самозаштита, и натаму функционира „Павловиот рефлекс“ да се прифати буквално сè што се бара од Македонија, само за да се дојде до тој толку најавуван „датум за преговори“. Затоа, македонски национален интерес е што поскоро да заврши ова безумие и да се вратиме на Македонија, поточно да си ја одбраниме државата.
За големото мнозинство македонски граѓани, европската интеграција не е цел самата по себе и Европската Унија нема примат пред интересите на Македонија. За Македонците, членството на Македонија во Европската Унија значи, меѓу другото, и крај на долгата одисеја на македонскиот народ за одбрана за сопствениот идентитет и достоинство. „Единство во различностите“ е лозунгот на Европската Унија, но очигледно дека тоа се високи идеали коишто си го наоѓаат своето место при пригодните говори, но никако и во конкретната акција. Наместо потврда на европските вредности, во случајот на Македонија, европската интеграција се претвори во тотална спротивност, па стана механизам за спорење на посебноста на еден народ и орудие за загрозување на мирот и безбедноста на една европска држава.
Веќе и на најголемите оптимисти им е јасно дека нема никаква стратегија или некаков грандиозен план зад „надворешната политика“ на Зоран Заев. Тој си ја продал душата на ѓаволот, преку некој мефистофел чиешто има допрва ќе го дознаеме, а потоа беше насилно доведен и наметнат на власт за да се реализираат нечии туѓи геополитички цели, за сметка на македонскиот народ и со кршење на македонската држава. Треба и да си ги разбиеме заблудите дека некој однадвор ѝ го бере гајлето на Македонија. Единствено наш сопствен интерес е опстојувањето на нашата македонска држава и ничиј друг. Ќе биде одвратно тешко Македонија да се соземе како држава и повторно смело да зачекори за одбрана на своите национални интереси, но едноставно не постои друг избор.
Затоа, што поскоро потребно е да почнеме внатрешен македонски дијалог. Зад Заев и зад „Северна…“ не постои воопшто никаква интелектуална или академска заедница што го поддржува или го промовира неговиот погубен концепт. Но македонската мисла сè уште е оптоварена со сеќавањата на внатрешниот судир при „Шарената револуција“ и одбива да излезе од тогаш ископаните ровови. Јас тука јавно кажувам дека воопшто не се осврнувам на целиот отров и на сите претешки зборови упатени кон мене во тој период. Секој од нас има длабоки спомени од тие славни и неславни денови. Сепак, доста беше! „Патриотите“ се бореа за зачувување на Македонија, а „шарените“ се бореа за демократија. И едната и другата борба беше благородна и беше праведна. Но таа војна е одамна завршена, а изгубија и двете страни. Победи Заев, кој ја сотре Македонија и целосно ја укина демократијата во земјата.
Време е повторно да се сретнеме, па заеднички да го дигнеме бајракот на борбата за Македонија и за обнова на демократијата во Македонија. Време е повторно да ги освоиме македонските интелектуални и културни институции, па да ги исполниме со содржина, да им дадеме нов живот, нова полнокрвност, која ќе се изнедри од борбата за Македонија и од борбата за демократија. Време е националните институции повторно да ги помакедончиме и да ги демократизираме.
Јас подавам рака и излегувам од ровот..