Откако СЗО издаде привремени препораки за мешање на вакцините
Граѓаните засега нема да може да бираат која вакцина да ја примат како трета доза, позната и како бустер, за ковид-19. Останува на сила одлуката за трета доза да се дава само вакцината на „Фајзер“. За втора доза нема да се мешаат вакцини.
-Засега за трета доза ќе се дава само вакцината на „Фајзер“ – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Граѓаните кои сакаат да примаат бустер-доза од друга фирма најчесто патуваат во соседна Србија, каде што може да избера со што ќе ја засилат заштитата.
Светската здравствена организација (СЗО) издаде привремени препораки за употреба на вакцини против ковид-19 од различни производители за втората и за третата доза.
Во зависност од достапноста, вакцините со мРНА-технологија, како што се оние развиени од „Фајзер“ и „Модерна“, може да се користат како дополнителни дози по почетната доза на векторската вакцина „Астра зенека“ и обратно, соопшти глобалниот здравствен орган.
„Астра зенека“ и која било од мРНА вакцините може да се користат и по почетната доза на инактивирана вакцина „Синофарм“, соопшти СЗО.
Насоките беа усвоени врз основа на советите на Стратешката советодавна група на СЗО за експерти за вакцини претходно овој месец. Препораката доаѓа откако една голема студија минатата недела покажа дека првата доза на „Астра зенека“ или „Фајзер/Бионтек“ и втората доза на „Модерна“ девет недели подоцна создаваат подобар имунолошки одговор.
Сепак, СЗО рече дека мешањето треба да ги земе предвид достапноста и придобивките и ризиците од користењето на вакцината против ковид-19.
Многу земји веќе почнаа да мешаат вакцини бидејќи се соочија со зголемен број случаи на ковид-19, ниски залихи и бавна имунизација.
Н.Б.З. – Р.З.