Омикрон и што следува по него?

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следува.
Има една поговорка што вели дека не е можно постојано да има финансиски кризи едноподруго. Импликацијата од тоа е дека финансиската криза прави луѓето да бидат повнимателни – така што секоја банка, инвестициска фирма или инвеститор што ќе помине низ една криза нема во скоро време да преземе големи ризици. Но две години по почетокот на принудните карантини и други ограничувања поврзани со пандемијата, пристигнувањето на варијантата омикрон ги принудува луѓето да се запрашаат дали пак ќе поминуваме низ сето тоа.
Првичната реакција на многу држави – обидот да се забранат патувањата од Јужна Африка и соседните земји, иако варијантата омикрон веќе се прошири – е очајна мерка. Всушност, има три причини зошто државите можеби се и многу подобро подготвени отколку што мислат за што и да следува.
Прво, повеќето креатори на политиките досега ја сфатија клучната важност на тоа да се овозможи одбрана на најранливите луѓе од вирусот. Тоа значи, што и да се случи, дека треба да се овозможи подобра заштита за домовите за стари лица и на другите можности за заедничка нега. Многу луѓе го загубија својот живот во 2020 година, бидејќи политичарите во Соединетите Американски Држави, во Европа и на други места мака мачеа да ја разберат важноста на оваа поента. Човек се надева дека тој степен на погрешно разбирање никогаш повеќе нема да се повтори.

Второ, вакцините функционираат. Во однос на ова прашање беше постигнат широк политички консензус во 2020 година, а програмите за развој на вакцините се издвојуваат како историски успех на јавно-приватното и научно партнерство. За жал, во 2021 година, луѓето станаа збунети – или можеби намерно доведени во заблуда. Сепак, над 68 отсто од Американците досега примиле барем една доза, а бустер-дозите се широко достапни. Целта на САД и понатаму е вакцинирање на што е можно повеќе луѓе во светот и темпото треба да се засили. Омикрон покажа уште еднаш дека ниту една земја не може сама да се бори со ковид-19.
Трето, државите имаат значителен капацитет за тестирање за ковид-19. Кога овој капацитет беше развиен во 2020 година, некои изразија загриженост дека нема да постои долгорочна потреба за тоа. Но иако и понатаму има дебата за тоа кои точно тестови треба да се користат и кога, епидемиолозите и експертите за јавно здравје постигнаа голем напредок за тоа што е она што функционира кај различни популации.
Треба само и понатаму да сме посветени на тоа, на пример преку програмата за проширено тестирање на сојузната влада (за повеќе податоци и за најнови процени за тоа што треба да се случи, ви препорачувам да ја посетите интернет-страницата на Мара Аспинал, HealthCatalysts.com и нејзиниот бесплатен неделен билтен). Идеално, секоја заедница – било да се тоа установи за згрижување деца, училишта, универзитети и фирми – би била заштитена колку што е можно повеќе со вакцинација, поткрепена со редовна програма за тестирање и одговорна употреба на маски (и други средства). Овие нивоа на заштита ги подобруваат шансите училиштата и работењето да продолжат да функционираат на што е можно понормален начин, дури и во услови на нови варијанти.

Меѓутоа, САД сè уште се борат да ги надминат проблемите предизвикани од упорното негирање на поранешниот претседател Доналд Трамп дека ковид-19 претставува вистинска закана. Работата на службените лица во јавното здравство беше нарушена поради политички цели, што доведе до голема забуна (и заблуди) во комуникацијата во однос на сè што е важно кога станува збор за борбата против пандемијата. Наследството на мешаните пораки на Трамп стана главната слабост во одбраната од пандемијата во САД, вклучувајќи и во борбата против омикрон. Без него, САД ќе имаа повеќе вакцинирани луѓе, поголема подготвеност кај луѓето да се тестираат и помалку расправии во врска со маските. Страшната иронија на современа Америка е тоа што многу од луѓето што се најмалку заштитени од новите варијанти на вирусот се оние што посериозно го сфаќаат Трамп и неговите ставови во врска со јавното здравје.
Во 2020 година, Трамп и неговите сојузници тврдеа дека борбата против ковид-19 ја поткопува економијата – затоа што, на пример, тоа значеше заклучувања. Ваквата логика секогаш била погрешна. Економиите се затворија по наредба на властите само тогаш кога болниците беа преплавени со заразени пациенти и кога не можеа да се справат со таквиот бран. Преоптоварувањето на болницата е крајната точка и тоа е она што треба да се избегне по секоја цена. Ако службите за итни случаи не можат да функционираат, луѓето многу повеќе ќе умираат од срцев удар и поради несреќи. Ако лекувањето на ракот и другите порутински процедури бидат нарушени, поголем ќе биде бројот на луѓе што ќе умираат.
Заклучокот е дека поинтензивната борба против ковид-19 е токму она што треба да го направиме ако сакаме да избегнеме проблеми во економијата. Затворањето и повторното отворање на економиите е скапо решение за секого. Покрај сите очигледни директни трошоци, нарушувањата на синџирот на снабдување поттикнуваат и поголеми цени и веројатно придонесуваат кон инфлацијата. Повисоката инфлација, пак, ѝ ја отежнува (или ѝ ја прави поризична) работата на централната банка во поддршката на економијата, ако тоа биде неопходно.
За жал, она што Трамп ѝ го остави на администрацијата на претседателот Џо Бајден е единствената опција – да остане на планираниот курс, а тоа е да ги одржува во добра состојба домовите за згрижување и нега, да убеди што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат и да продолжи да ја подобрува достапноста на тестирањето со висок квалитет. Меѓутоа, во исто време, администрацијата мора директно да се соочи со таквото наследство. Кампањата на главниот хирург Вивек Марти против дезинформациите во однос на здравјето е една иницијатива што ветува. За да се заштитат себеси и економијата, на Американците и на светот им требаат многу повеќе иницијативи.

www.project-syndicate.org