Бонбончињата и лижавчињата во партиските коалиции

И тоа е она што би можело да се објасни како лажење со бонбончиња или, подобро, со лижавчиња, зашто тие овозможуваат подолготрајно чувство на задоволство, комфорни позиции за нив и за нивните сопартијци, ако не како министри, тогаш барем како заменици и помошници на министри или како директори на владините тела и органи, кои секојдневно се множат, пред сѐ, заради задоволување на растечките апетити на коалициските партнери и нивното држење под контрола. Значи, убаво им е додека ги лажат и додека седат во удобните фотелји иако мораат да зборуваат со придушен глас

Лидерите на помалобројните политички партии, којзнае по кој пат, пред некој ден, додека сѐ уште траат преговорите за составување нова влада, го актуализираа барањето за измени во Изборниот законик заради воведување една изборна единица, без изборен праг, со отворени листи и пропорционален модел. Со тоа, како што објаснија, би требало да се овозможи порамноправен политички натпревар, поверодостоен одраз на волјата на гласачите и елиминирање на системските предности на „големите партии“. Повеќе или помалу веќе познато и сосема легитимно барање, кое има огромна поддршка на јавноста. И така веќе со години.
Во што е тогаш проблемот? Зошто истите тие, условно речено, помали партии упорно остануваат во орбитите на големите, дури и кога е сосема јасно дека нема да им го исполнат барањето? Тоа особено кога се знае дека помалите партии, многу почесто отколку големите, ја имаат таа „привилегија“ со години, па и со децении, да бидат раководени од истите личности. Значи, го имаат континуитетот во застапувањето на позицијата, за разлика од големите, каде што во изминативе години, сепак, се случуваат одредени промени на челните функции. И тука, за волја на вистината, мора да се каже оти ова се однесува само на неалбанскиот политички блок, поточно на македонските и на партиите на помалите етнички заедници, додека кај Албанците состојбата е значително поинаква. Еден од лидерите на помалите моментално владејачки партии од македонскиот блок се обиде да ја објасни работата кога, информирајќи дека на разговорите со владините коалициски партнери била отворена и темата за воведување само една изборна единица, мошне остроумно заклучи дека за тоа очигледно не постои искрена волја кај поголемите политички субјекти. Можноста за воведување само една изборна единица, тој ја опиша како „бонбонче“ со коешто двете најголеми партии во земјава со години ги „лажат“ своите помали партнери.
Претставничка на друга помала партија отворено призна дека би се задоволиле и само со тоа нивниот предлог за измени во Изборниот законик, кој речиси цела година собирал прав во Собранието, да биде ставен на дневен ред и за него да се дискутира.
Лидер на трета од посочените партии, на свој начин, аргументирајќи го барањето, не пропушти да потенцира оти тоа не би требало да се сфати како притисок врз главниот коалициски партнер.
Во ниту едно од наведените и ненаведените објаснувања на претставниците на помалите партии што бараат измени во Изборниот законик не можеше јасно да се препознае решителност овој пат, кога и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ им гори под нозете, да ја истераат работата докрај. Па, дури и по цена еден период да не бидат дел од големите коалиции и, ако баш немаат среќа, од наредните парламентарни избори да функционираат како активна вонпарламентарна опозиција, да си ги проценат можностите и да дефинираат свои автентични ставови, не само за изборното законодавство туку и за сѐ друго што не беа во можност поради потребата постојано да им се додворуваат и да им бидат лојални на посилните партнери.

Во ниту едно од наведените и ненаведените објаснувања на претставниците на помалите партии што бараат измени во Изборниот законик не можеше јасно да се препознае решителност овој пат, кога и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ им гори под нозете, да ја истераат работата докрај. Па, дури и по цена еден период да не бидат дел од големите коалиции и, ако баш немаат среќа, од наредните парламентарни избори да функционираат како активна вонпарламентарна опозиција, да си ги проценат можностите и да дефинираат свои автентични ставови, не само за изборното законодавство туку и за сѐ друго што не беа во можност поради потребата постојано да им се додворуваат и да им бидат лојални на посилните партнери

И тоа е она што би можело да се објасни како лажење со бонбончиња или, подобро, со лижавчиња, зашто тие овозможуваат подолготрајно чувство на задоволство, комфорни позиции за нив и за нивните сопартијци, ако не како министри, тогаш барем како заменици и помошници на министри или како директори на владините тела и органи, кои секојдневно се множат, пред сѐ, заради задоволување на растечките апетити на коалициските партнери и нивното држење под контрола. Значи, убаво им е додека ги лажат и додека седат во удобните фотелји иако мораат да зборуваат со придушен глас.
Тоа е состојбата што, со исклучок на првите години од политичкиот плурализам во Македонија, се толерира веќе со децении. Таквата политичка култура неминовно резултира со претерано нагласената улога на двете големи политички партии што ги задушуваат сите преостанати, независно дали се во парламентот или надвор од него. И навистина е нереално, по сите досегашни искуства, малите партии да очекуваат дека некој ќе ги приспособува законите на нивните потреби додека тие спокојно седат во функционерските фотелји. Сево ова е само опсервација од еден партиско-политички дискурс. Но граѓанскиот агол никако не треба да го заборавиме. Напротив. Тој е дури со поголема специфична тежина. Барањето за измени во Изборниот законик заради воведување една изборна единица, без изборен праг, со отворени листи и пропорционален модел, иницира еден сосема различен процес, конкурентен, борба на квалитетни и компетентни кадри, полни со знаење и вештини, со изодена „километража“ зад себе, успеси, неуспеси, искуство… Тоа е она што граѓаните би го препознале во кандидатите и би им довериле глас и мандат. Но за тоа во наредната пригода…

[email protected]