Премиерот Кирил Петков даде сигнал дека Бугарија ќе го смени ставот што ја кочи кандидатурата на Македонија за Европската Унија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Бугарскиот премиер изјави дека Бугарија е 100 посто на вистинската страна за политиките на НАТО и ЕУ.
– Ќе предложиме нова процедура во однос на Северна Македонија, многу брза, со многу краток рок од само 6 месеци – рече Петков.
Тој, исто така, изјави за ФТ дека новата влада ќе ги постави преговорите со Македонија на нова основа.
– Ќе користиме работни групи за подготовка на одлуки за прашања како што се заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата – рече Петков.
Премиерот денеска пред новинарите изјави дека разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, кој му честитал.
– Идејата за работни групи за кои разговаравме за време на кампањата ќе биде структурирана што е можно поскоро. Се надевам дека на почетокот на јануари ќе имаме јасен план кои се работните групи. Да ги вклучи културата, инфраструктурата, економијата и историјата. И да, правиме акциски план на почетокот на јануари овие работни групи да имаат реални резултати со идеја да се постигне напредок во преговорите – изјави Кирил Петков.
По добивањето на мандатот за формирање влада, Кирил Петков им рече на новинарите дека позицијата на Бугарија за Македонија ќе остане иста, но неговата цел е да ја „надгради“ – да не продолжи само со пароли, туку преку заедничка работа и комуникација до се движи кон решавање на билатералниот спор.
Со Министерството за надворешни работи веќе раководи новата министерка Теодора Генчовска, која е од партијата „Има таков народ“. Партијата на Слави Трифонов веќе го искажа ставот дека Македонија треба да влезе во ЕУ, но тоа треба да се случи откако ќе бидат исполнети сите бугарски барања.