Идниот бугарски премиер Кирил Петков денеска изјави дека ќе усогласи заеднички став со коалициските партнери, но прецизира дека од добрососедството многу корист ќе имаат двете држави. Сепак, како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарската позиција останува таква каква што е сега, но мора да биде надградена.
Според Кирил Петков, кој денеска го прими мандатот од претседателот Радев, појасни дека таа надградба може да се направи и треба да се направи врз основа на заедничко почитување и доверба.
– Не сакаме да продолжиме само со пароли од двете страни на границата, туку мора да седнеме и да работиме со тимови на различни теми за да се увериме дека преку заедничка работа и комуникација се движиме кон добрососедство – изјави Петков.
Идниот премиер нагласи дека заедно со тоа надградување ќе се бранат и бугарските национални интереси. Петков денеска во Софија го претстави составот на новата бугарска Влада, која ќе биде коалициска и ќе вклучува четири партии и коалиции. Ќе има пет вицепремиери и 17 министри.