Фото: Игор Бансколиев
  • „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  • „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Желино

Бљерим Сејди, кандидат за градоначалник од редовите на Беса, е новоизбраниот градоначалник на Општина Желино, кој во следните четири години ќе ја предводи Општината.
Како што истакна тој, покрај многубројните приоритети на кои ќе работи во градоначалничкиот мандат, ќе се фокусира и на транспарентно работење, како и на реконструкција на основните училишта во Желино. Тој нагласи и дека ќе работи на дигитализација на општинските услуги, а нема да изостане ниту реконструкцијата на сите локални патишта во општината. Сејди не го заборави ниту понежниот пол, па, така, истакна дека во неговиот мандат неуморно ќе работи на еманципација и зајакнувања на правата на жените. Жителите на Желино ќе добијат и подобрување на социјалните услуги, а нема да изостанат ниту изградбите на нови спортски игралишта.
Советот на Општина Желино е составен од осум советници од ДУИ, еден од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, двајца советници од СДСМ и осум советници од Беса.
Општината Желино се наоѓа во непосредна близина на Тетово и е една од помалите општини во Македонија. Има околу пет илјади жители.


Свети Николе

Жителите на Свети Николе за свој градоначалник во следните четири години го избраа Дејан Владев, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Како што истакна тој, приоритет на новата локална власт нема да бидат мегаломански проекти, туку решавање на основните потреби на граѓаните, како што се асфалтирање улици во градот и селата, изградба на канализации, средување на речното корито, изградба на спортски сали, нов модерен градски парк, водоводи и слично.
Советот на Општина Свети Николе е составен од 15 советници, од кои осум се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пет се од СДСМ и коалицијата, еден советник е од Левица и еден е независен.
Општината Свети Николе е една од општините во кои има развиено индустрија од различни гранки, почнувајќи од прехранбената индустрија, млечна, месна, индустрија за дехидриран зеленчук, индустрија за конзервирање овошје и зеленчук, а застапени се и текстилната индустрија и индустријата за градежни материјали. Сите овие индустриски гранки вработуваат голем дел од населението на Свети Николе.


Штип

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Иван Јорданов, ќе ја предводи Општина Штип во следните четири години.
Во изјава за „Нова Македонија“ тој нагласи дека приоритет ќе му биде развојот на локалната економија во Штип. Меѓутоа, како што истакна тој, за да има развој на економијата, потребно е да има квалитетна инфраструктура и урбанистички планови, кои се адаптирани на потребите на физичките и правните лица, па следствено на тоа, периодов, како што истакна, посветен е на давање вистински правец во оваа област и насочување на Штип кон развој на можностите за сите заинтересирани за инвестиции и градби. Јорданов посочи дека ќе работи на зајакнување на положбата на сите категории граѓани во општината Штип, и тоа не само преку креирање јавни политики туку и преку активна заложба за инфраструктурно задоволување на потребите на граѓаните, независно од каква природа се – дали се работи за спортски игралишта, детски паркови, зелени површини, инфраструктурно уредување јавни површини за граѓаните со специфични потреби… Јорданов нагласи дека децата, младите и учениците нема да бидат заборавени, па, така, вети дека уште во првата година од мандатот ќе се посвети на унапредување на социјалните и здравствените услуги што Општината им ги дава на училиштата.
На крајот тој нагласи дека неуморно ќе работи со посветеност и транспарентност за да има успешен мандат и ефикасна реализација на сите планирани проекти.
Советот на Општина Штип е составен од 23 советници, од кои еден е од Левица, девет се од СДСМ и коалицијата и 13 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Општина Штип е најпозната по превкусната штипска пастрмајлија, поради која голем број туристи се враќаат во оваа општина. Освен по храната, општината Штип е позната и по тоа што текстилната индустрија е столб на стопанството во општината. Градот Штип е еден од најстарите градови во Македонија.