Мора да ги најдеме и да ги решиме причините за падот во играта. Кога ќе ја споредиме играта во двете полувремиња, резултатот е реален, рече тренерот Брестовац, по ремито со Извиѓач, 27-27, во 4-то коло на Регионалната лига
Ракометарите на Металург не успеаја да ја запишат првата победа во Регионалната лига, па во мечот од 4-то коло дома ремизираа со првакот на БиХ, Извиѓач, 27-27 (14-12). И во овој меч младите металурзи одиграа две полувремиња различни по квалитет и по борбеност. Во првиот дел одлично функционираа сите сегменти на играта, а отсуство на концентрација, борбеност и организација на играта беа одлики на второто полувреме од мечот.
– Лошата игра во второто полувреме ни беше проблем и во овој меч, а, искрено, очекував победа. Одигравме доста коректно и добро во првиот дел од натпреварот, но во продолжението слабо. Влеговме во серија технички грешки, кои за мене беа несфатливи и кои не ни се случуваат ни на тренинг. Можеби причината е во менталниот пристап, па играчите се задоволуваат со добра игра во првото полувреме.
Мора да ги најдеме и да ги решиме причините за падот во играта. Кога ќе ја споредиме играта во двете полувремиња, овој резултат е реален. Среќен сум што екипата конечно се комплетира и што во комплетен состав ќе се подготвуваме за претстојниот дуел со Бешикташ во Лигата на шампионите – изјави тренерот Данило Брестовац.
Мартин Серафимов и Мице Шилегов со по шест гола беа најефикасни во составот на Металург, а одлична партија на голот во првото полувреме имаше Мартин Томовски, кој во текот на мечот имаше 11 интервенции.
Противник на Металург во 5-то коло ќе му биде Загреб, кој сезонава на клупата го има поранешниот тренер на металурзите Лино Червар.