Заедно сме посилни
Секој да е на место број еден,
секој да е уникатен и вреден,
разлики и нееднаквости да нема,
во светот дискриминацијата да ја снема.
Затоа што заедно сме посилни и подобри
сите заедно кон нови поголеми победи,
да бидеме владетели на сопствениот свет,
здружени ко јато в пролетен лет.
Уникатноста да е нашата цел,
секој да е храбар и од ова патување да е дел,
да се покаже сечија смелост
и сечија достигната зрелост.
Најдобриот секогаш не оди прв,
може и последен да стигне на врв,
но важно е колку труд е вложено
и колку ова патување е сложено.
Не си кул ако отфрлиш некој,
зашто тој може да биде верен другар твој,
најважно е да има независна дружба,
и да се издвоиме во човечка служба.
Другарче со аутизам е исто како сите,
само со малку поголема чувствителност,
треба да го охрабриме за секој чекор
а не да се потсмеваме со очи полни прекор.
Наградената песна на Симона Додевска (15)
Другар борец
Имам приказна добра,
сакам да ја претворам во стихотворба.
За мојот другар борец,
за да го опишам треба да станам творец.
Го здогледав прв пат на детското игралиште,
коешто за нас децата е збиралиште.
Тој не сака газирани пијалаци, како тоник,
па затоа е брз на скирол и тротинет
како ежот Соник.
Секогаш насмеан и ведар,
затоа сум негов најголем фан
и го поздравувам мојот другар Кан.
Наградената творба на Горјан Кајчев, 7 години Црвената количка на Боби
Неколку месеци по мојот шести роденден, бевме на роденден кај моето
другарче Боби. Неговите родители беа многу богати и имаа сѐ, но имаше некоја голема тага во нивните очи. Боби беше нивно единствено дете. Еднаш ја слушнав мајка ми како му вели на тато дека Боби има аутизам. Тогаш не знаев што значи тоа?
Сега ќе ви раскажам како научив што е аутизам и кој е најдобриот лек против него.
Боби го славеше својот шести роденден во најубавата игротека во нашата населба. Неговата мајка ни даде прекрасни покани за роденденот. Мајка ми ме седна и убаво ми објасни.
– Слушај, Берк, Боби е како сите деца. Тој не е болен. Тој само живее во својот свет. Треба да се обидеме да се доближиме до него. Да нѐ засака, да станеме дел од неговиот свет… Само љубовта може да нѐ доближи до луѓето. Кога Боби ќе почувствува дека сите го сакаме, можеби ќе излезе од својата невидлива куќичка и ќе стане како сите нас. Вреди да се обидеме, зарем не?
Ѝ ветив дека ќе си играм со Боби на роденденот и дека ќе му покажам дека сакам да станеме најдобри другарчиња. А јас кога ќе ветам, секогаш сум од збор.
Пристигнавме на роденденот на Боби меѓу првите гости. Тој седеше во аголот и си играше со една мала црвена количка. Многу се изненадив кога не дојде до нас да не пречека и да си го земе подарокот. Ја погледнав мама, а таа нежно ми се насмевна и ја даде хартиената ќесичка, во која беше подарокот – тексас кошула – во рацете на неговата мајка. Јас веднаш отидов во аголот и седнав до Боби. Тој се сврте со грбот и продолжи да ја тркала црвената количка по теписонот.
– Имаш многу убава количка! – му реков и седнав до него. – И јас имам дома црвена количка, ама твојата е многу поголема од мојата. Сакаш ли да си играме со неа?
Боби ме погледна низ трепките со сините очи и продолжи да си игра. Во тој миг пристигнаа и другите другарчиња и ме викаа да им се придружам кај многубројните играчки во игротеката. Боби молчеше и очекуваше да си одам за да си ја продолжи својата игра со малата црвена количка.
– Ќе дојдам другарчиња! – викнав кон нив. – Боби сака да си играме со количката. Денес е негов ден. Денес Боби е славеник и треба да ги исполниме сите негови желби. Така, Боби?!
Боби ништо не ми одговори. Неговата мајка ме погледна и ми се причини дека видов солза во нејзиното око…
Извадок од наградениот расказ на Берк Ѓунеш,
10 години