Унгарскиот опозиционер Петер Марки-Зај за случајот на поранешниот македонски премиер
Лидерот на здружената унгарска опозиција за парламентарните избори в година, Петер Марки-Зај, вети дека ќе се справи со корупцијата дома и во странство и оти ќе ги почитува меѓународните потерници, дури и по цена на екстрадиција, во интервју за „БИРН“ кое го пренесе „Балкан Инсајт“. Тој претходно порача дека ќе го укине политичкиот азил за поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој е во Унгарија од 2018 година, по бегството од државава.
– Случајот на Груевски покажува дека Орбан не е суверен лидер – кажа меѓудругото Марки-Зај.
Тој се осврна и на политичката ситуација во Македонија.
– Партијата на Груевски можеби ќе се врати на власт, а во тој случај Македонија веќе нема да бара негова екстрадиција, додека Груевски би можел да биде и прокриумчарен преку границата во автомобил со затемнети стакла – кажал Марки-Зај низ смеа, правејќи споредба со наводниот начин на кој Груевски ја напуштил Македонија.
Јавното обвинителство го обвини Груевски дека ги организирал насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Оттогаш Груевски е во бегство во Будимпешта, а на 27 јуни 2019 година, Судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба.
Доколку успее да го победи Орбан, Марки-Зај најавува дека Унгарија веднаш ќе пристапи кон канцеларијата на европскиот јавен обвинител, како и дека ќе воспостави државен антикорупциски институт. Се смета и дека антикорупциските мерки ќе го дефинираат односот на Унгарија со соседите, ако Марки-Зај дојде на власт.