Кинескиот и американскиот претседател имаа онлајн средба
Кинескиот претседател Си Џинпинг на онлајн средбата со американскиот претседател Џо Бајден упатил остри предупредувања дека Кина е подготвена да преземе „одлучни мерки“ доколку Тајван ги помине нивните црвени линии и направи каков било чекор кон независност, пренесуваат светските медиуми.
– Поддршката за независен Тајван ќе биде како играње со оган, а сите знаеме дека оние кои си играат со оган ќе се изгорат – изјавил Си според извештајот на кинеските државни медиуми за самитот.
Како одговор, Бајден напоменал дека САД остануваат посветени на „политиката кон една Кина“, која признава само една суверена кинеска држава и дека силно се противи на едностраните напори за промени на статус кво состојбата и за подривање на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец. Бајден изјави дека двете земји имаат голема одговорност за да обезбедат ривалството меѓу нивните две нации да не премине во отворен конфликт.
– Се чини дека е наша одговорност, како лидери на Кина и на САД, да обезбедиме конкуренцијата меѓу нашите земји да не премине во конфликт, без разлика дали тој е намерен или ненамерен – изјави Бајден на онлајн средбата.
Двајцата лидери имаа значајна размена и комуницираа на начин што не го имале во нивните телефонски повици. Разговорот бил директен и отворен, изјави висок американски претставник.
– Кина и САД мора да ги подобрат комуникацијата и соработката – кажа Си и додаде дека е среќен што се сретнува со стариот пријател преку видеолинк, откако нивните претходни разговори беа преку телефон.
Според кинеските државни медиуми, Си на онлајн средбата рекол дека Земјата е доволно голема за развој и на Кина и на САД.
– Самитот се однесуваше на развивање начини за одговорно управување со конкуренцијата. Ние работиме со нашите сојузници и партнери и се соочуваме со Кина онаму каде што е потребно, а во исто време можеме да работиме заедно онаму каде што се вкрстуваат нашите интереси – изјавил американскиот функционер.
Онлајн состанокот помеѓу двајцата лидери уследи по зголемувањето на тензиите околу Тајван и слободната пловидба во Јужното Кинеско Море. Исто така, постојат спротиставени мислења околу тоа што секоја земја треба да стори за да ги ублажи проблемите околу климатските промени, а САД се сè понервозни и поради брзиот развој на кинеските нуклеарни воени сили.