Фото: Архива

Пресек на единиците на локалната самоуправа по локалните избори

Во наредниов месец ќе ви ги претставиме сите општини во Македонија. Ќе направиме преглед кои се новите локални власти што ја добија довербата на своите сограѓани – градоначалници, а и новите состави на општинските совети. Со претставувањето на општините и локалните власти ќе ви понудиме слика за она што е најактуелно на локално ниво, предизвиците пред кои е исправено локалното население и приоритетите што би требало да се најдат што побргу на агендата на сработеното, заради поквалитетен живот на граѓаните.
„Нова Македонија“ во рамките на своите професионални ангажмани, како национален медиум со најдолга традиција, ќе ги поттикне сите засегнати чинители при заедничките зафати за унапредување и подобрување на локалното живеење, но и ќе обрнува внимание на пропустите или стагнирањето на проектите чија реализација граѓаните ја очекуваат со нетрпение.
„Македонија на дланка“ ќе биде проект на поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
„Македонија на дланка“ ќе биде проект што ќе генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.


СКОПЈЕ

Она што е најголем новитет за водењето на главниот град е фактот дека за првпат Скопје ќе го предводи жена. Данела Арсовска, првата градоначалничка на Скопје, во фокусот во следните четири години ќе ја има трансформацијата во модерен, чист и европски град – од одржливи сообраќајни решенија до заштита на зелените површини, со рамномерен раст и развој на сите населени места еднакво, до 24-часовна канцелариска служба на општинската администрација. Таа вели дека во следните четири години Скопје ќе се менува на подобро, преку нов систем на квалитетно менаџирање на градот.
Арсовска има принципи до кои ќе се придржува: отвореност, преку транспарентно и отчетно работење со нула толеранција за корупција; професионалност, каде што на сите раководни позиции ќе се постават вредни, способни и исполнителни личности, кои нема да потпаднат под политички притисоци; емпатија – затоа што Скопје отсекогаш бил град на солидарноста и соживотот; и одговорност, преку трансформација на администрацијата во вистински сервис на граѓаните, со воведување квалитетни стандарди во работењето и професионалното вработување.
Советот на Град Скопје е составен од 45 советници.

Во согласност со финалните резултати од локалните избори во 2021 година, во новиот совет коалицијата „Обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има 18 советници, коалицијата „Најдобро за мојата општина“, предводена од СДСМ, има 12 советници, ДУИ пет советници, партијата Левица четири, додека по две советнички места освоија коалицијата „Алијанса на Албанците/Алтернатива“, коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, како и групата избирачи „Зелен хуман град“.
Скопје е административен, политички, стопански, културен, образовен и научен центар на Македонија. Во градот има 10 општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари. Атрактивен еднакво и за домашни и за странски туристи, бидејќи изобилува со природни убавини, но и со содржини што ги привлекуваат гостите. Дополнително, познат е во целиот свет како град на солидарноста, што дојде до полн израз во 1963-та и годините потоа, кога градот се крена на нозе по катастрофалниот земјотрес, благодарение во голема мера и на несебичната помош што доаѓаше од целиот свет. За возврат, Скопје е познат како град со гостопримливи домаќини, кои широко ги отвораат вратите за сите гости добронамерници.


Кисела Вода

Жителите на општината Кисела Вода на неодамнешните локални избори што се одржаа во земјава, за свој градоначалник го одбраа Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Приоритет за Ѓорѓиевски ќе биде ставање ред во урбанистичкото уредување на општината, како и целосна ревизија на деталните урбанистички планови. Ревизија ќе се врши и на целокупното досегашно финансиско работење. Ќе се распише меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП за „Расадник“, а за најбрзо можно време ќе се заврши легализацијата на дивоградбите. Од капиталните проекти, Кисела Вода ќе добие поликлиника, а ќе се најде и решение за Центарот за зависници. На местото на центарот ќе никне рекреативен парк „Св. Ѓорѓија“. Депониите ќе станат паркови. Воведена е и втора смена на општинската архива. Градоначалникот најавува и целосна дигитализација на Општината.
Во Советот на Општината, советничките места се распределени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, кое има 12 советници, СДСМ со коалициските партнери има седум, Левица има тројца советници, додека коалицијата ЛДП/ДОМ има еден советник.
Кисела Вода е една од најпривлечните општини за граѓаните. Близината до централното градско подрачје, но и до голем број рекреативни места, меѓу кои е секако Водно, ја прават да биде една од најпримамливите општини за современо живеење.


Бутел

Дарко Костовски е новоизбраниот градоначалник на општината Бутел, кој во следните четири години ќе ја води оваа скопска општина.
Негова визија, како што вели тој, во четиригодишниот мандат е општината Бутел да биде економски стабилна општина. Во исто време, главни проекти на кои тој ќе се фокусира се оние што, како што истакна, на граѓаните им се најпотребни. Некои од нив се изградба на поликлиника, чистење и уредување на реката Серава, изградба на модерен олимписки комплекс, нови паркови и изградба на модерен плоштад. Советничките места во Советот на Општина Бутел се распределени помеѓу четири политички партии, и тоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат десет советнички места, СДСМ и коалицијата освоија четири советнички места, ДУИ има тројца советници во Советот, а Левица еден советник.
Бутел е една од најголемите општини во Скопје. Важи за една од општините што најзабрзано се урбанизираат, бидејќи, според нејзината местоположба, доста е атрактивна и за оние што се љубители на мирен живот, далеку од градскиот метеж, но и за оние што сакаат да живеат на локација што е блиску до централното градско подрачје.
Изобилува со природни богатства, кои во последно време сѐ повеќе се откриваат од страна на жителите, па станува и атрактивна за спортско-рекреативни активности. Во своите граници има и урбан и рурален дел, пазари, трговски центри што се доста атрактивни за граѓаните, а сето тоа дополнително придонесува за урбанизацијата на општината.


Ѓорче Петров

Жителите на општината Ѓорче Петров на неодамнешните локални избори за татко на општината го избраа Александар Стојкоски.
Негови приоритети во работењето во следните четири години ќе бидат грижа за квалитетот на живеење, за здравјето на граѓаните, за заштита и развој на здравата животна средина, нови зелени површини и паркови низ целата општина. Како што нагласи тој, приоритет е и проектот „Ѓорче без кал“, проект со кој ќе се асфалтираат нови улици во општината, и завршување на канализацијата во руралните средини. Тој истакна дека листите за чекање за запишување нови дечиња во градинките ќе бидат минато со изградбата на двете нови градинки во Ѓорче Петров и Стопански Двор. Приоритет ќе биде и проектот „Ѓорче без отпад“, во кој е предвидено чистење на сите депонии и нивно претворање во зелени површини.
Во Советот на Општината, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 12 советници, СДСМ и коалицијата имаат осум советници, а Левица освои три советнички места.