Акцијата досега резултирала со над 1.145 донирани компјутери на оние на кои им се најпотребни

Хуманата акција „Донирај компјутер“ на Борче Стаменов од Кавадарци им овозможи на голем број деца да дојдат до уреди неопходни за следење на онлајн наставата за време на пандемијата. А токму радоста на најмладите била повод за осмислување на неговата идеја, која досега резултира со над 1.145 донирани компјутери на оние на кои им се најпотребни. За макотрпната работа на овој хуманитарец, кој неуморно ги собира, поправа и оспособува компјутерите за работа, пред да стигнат до семејствата што имаат потреба, набргу се прочу во Македонија, но и надвор од границите на државава. Стаменов, сепак, не се надевал дека неговите активности ќе постигнат толку голем успех.
– Ни во најлудиот мој сон не помислив дека воопшто ќе стигнеме до оваа неверојатна бројка со донации. Сè започна во фирмата каде што работам. Имавме клиенти што ни оставаа непотребни компјутери и опрема. Идејата беше да им ги дадеме тие 30 компјутери на млади практиканти, но ни дојде самохрана мајка на три деца и побара поволен компјутер, кој го подготвивме и им го однесовме. Во моментот кога видовме како децата се радуваат, ми светна идејата дека ова може да прерасне во нешто поголемо и оттука тргна возот – објаснува Стаменов за почетоците на акцијата „Донирај компјутер“.
Неодамна за „Донирај компјутер“ известуваше и германскиот медиумски сервис „Дојче веле“, а италијанската национална телевизија РАИ исто така подготвува прилог за активностите на хуманитарната организација. Хуманиот гест на Стаменов беше препознаен и од Европската комисија.
– Јас не се гледам себеси како еден вид славна личност. Но убаво е што иницијативата се прошири и надвор од границите на Македонија. Неодамна, Европската комисија издаде публикација во која ја издвои „Донирај компјутер“ како единствена организација од Македонија од ваков тип, а исто така бевме избрани за поттикнување и подигање на солидарноста од Западен Балкан како дел од кампањата на ЕУ – вели Стаменов.

Организацијата „Донирај компјутер“ има цел да стекне што поголема доверба кај луѓето и компаниите, со што многумина веќе донираат средства и компјутерски делови за акцијата без да поставуваат прашања. Секојдневно пристигнуваат голем број пратки, а се јавуваат и нови донатори и соработници. Дел од најновите соработници на „Донирај компјутер“ се „Макстил“, „Супериор диспеч сервис“ и штедилницата ФУЛМ, а потпишан е и меморандум за соработка со техничкото СОУ „Киро Спанџов-Брко“, чии ученици секој понеделник и петок ќе можат да посетуваат практична обука во просториите на „Донирај компјутер“, каде што ќе го усовршуваат знаењето, а наедно и директно ќе учествуваат во хуманата акција. „Донирај компјутер“ се соочува и со голем обем документација поради значителниот број на пратки, а Стаменов ја увидел и потребата локациски да ја пресели организацијата, па сега е во потрага по нова база откаде што ќе ги продолжи активностите.
– Граѓаните што сакаат да ни се приклучат можат да донираат кога сакаат и колку сакаат. Организацијата има отворени сметки за донирање, како и за достава на делови. Имаме и карго-достава, а добрината нив нема да ги чини буквално ништо. Со самиот чин на донирање, ќе помогнете во нечие образование, односно на некои деца што немаат компјутер ќе им овозможите исти можности за напредување и за квалитетно образование. Да се биде добар, не чини ништо – низ смеа вели Стаменов, чиј поход за донации нема да запре во скоро време.
Стаменов вели дека со текот на времето почнал да се гордее со тоа што го работи и смета оти луѓето ја препознаваат неговата искреност. Тој им препорачува на сите што сакаат да се вклучат во неговата кампања на кој било начин, да стапат во контакт со „Донирај компјутер“.

[email protected]