ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА
Кон краткометражниот филм „Северен пол“, режија и сценарио: Марија Апчевска-Петровска, улоги: Антонија Белазелкоска, Лука Гацов, фотографија: Влатко Самоиловски, монтажа: Драган вон Петровиќ, продуцент: Роберт Насков, 2021
Пишува: Гена Теодосиевска
Третиот краток филм на режисерката и сценаристка Марија Апчевска-Петровска, „Северен пол“, што Македонија за првпат ја однесе во официјалната програма на престижниот Кански фестивал, само ја потврдува одговорноста на филмскиот автор, особено кога се зборува за тоа зошто е направен филмот. Колку и да звучи банално, толку е и исклучително важно, бидејќи филм треба да прават оние кои знаат зошто го прават и што значи да се сподели една сторија со публиката. Апчевска се чини токму тоа и го прави, поставува филмска приказна во која животот не е како на филм.
„Северен Пол“ е мала визуелна студија за тинејџерската збунетост и поставувањето на чувствата на ниво илузија, во време на идолатрија на зачудувачко медиокритетските вредности кај помладата генерација. Скромната и добра ученичка Марго (Антонија Белазелкоска) и едноставниот Матеј (Лука Гацов), имаат врска која е недефинирана, но функционира. Соученичките на Марго, видно позрели на „љубовно поле“, секојдневно ја потсетуваат дека конечно треба да оди докрај во љубовната игра. Марго толку посакува да се вклопи во средината, што притисокот ќе ја одведе до нејасно и екстремно однесување.
Но, нејзиниот агресивен пристап делува освестувачки, умее да го затекне гледачот со својата реалност и искреност, за потоа нестрпливо да го дочека епилогот што нè навраќа на заборавеното исконско чувство низ невината детска игра и смеа, која ги топли срцата, и која, од друга страна, делува освестувачки на Марго. Извонреден круг, кој Белазелкоска актерски го „носи“ одлично, како сценариото да е пишувано токму за неа. Тоа што улогите се доделени на непрофесионални актери само го потврдува талентот на Апчевска како режисерка во работата со актерите.
Одлуката филмот да се снима на 35мм и да се задржи, да не речеме зароби тој филмски формат, е на прв поглед можеби непотребна, но уште од првиот крупен кадар на раката над зимската јакна во маринско-сина боја што навестува дека времето некаде застанало, додека сè друго се менува, се гледа дека тоа е мудар избор. Објектите и навестувањето на студот, визуелно и аудио, добиваат своја споредна, но интензивна улога, така што засилениот и испрекинат свиреж на ветрот и рамномерниот и здодевен ромор на системот за климатизација, стануваат симболи на отуѓеноста, на замреноста и заборавеноста на искрените чувства. Со таа сиво-сина магличавост, мајсторски и со голема внимателност, камерата на Влатко Самоиловски нѝ ја најавува апокалипсата на таа младешка љубов, како и на состојбата во која се оставени тие млади луѓе, додека трагаат по топлата магма на иднината, пребрзо трчајќи по скалилата…
Актерски едноставен и питок, визуелно исклучително обмислен, продукциски прочистен и дизајнерски вешто спакуван, „Северен пол“ е филм кој нè соочува со реалноста и нè тера да погледнеме и онаму каде што не сакаме. Крупните кадри се добро испланирани во монтажните резови, направени со точна динамика. Ако камерата има adagio моменти, монтажата ритмички ја следи. Ова е режисерски зрел филм на Марија Апчевска- Петровска, сценаристички импресивен со дефинирани и заокружени ликови и точно дозирано филмско дејствие, кое останува.
Сите три кратки филма на Апчевска: „Бардо“ (2012), „Амби“ (2017) и најновиот „Северен пол“(2021) покажуваат сериозност, професионалност и голема креативност, направени како своевидни лични и интимни филмски есеи за свесноста во поглед на емотивното созревање. Затоа, нетрпеливо го очекуваме и нејзиниот прв целовечерен филм.
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.