Фудбалската репрезентација на Македонија оствари важна победа над Ерменија на гости од 5-0, во претпоследното коло од групата Ј во квалификациите за Светското првенство во Катар в година, со што ги задржа шансите за освојување на второто место кое води во доигрувањето.
Kапитенот Енис Барди постигна хет-трик, погодувајќи со прецизен удар од 20-тина метри во 36-та минута и двапати од пенал, во 66-та минута и во 90-та минута. Стрелци на преостанатите два гола за Македонија беа Александар Трајковски во 22-та минута и Милан Ристовски во 79-та минута.
Избраниците на Благоја Милевски ќе чекаат кикс на директниот конкурент за второто место Романија, која вечерва е домаќин на Исланд. Во последното коло Македонија се среќава со Исланд во Скопје в недела, а Романија гостува кај Лихтенштајн.
Македонија моментно е на втората позиција на табелата со 15 бода од девет одиграни средби, пред Романија која има 13 поени од осум дуели. Вечерва играат и Германија – Лихтенштајн, со што домаќинот веќе обезбеди пласман на Мундијалот.