Фото: Игор Бансколиев

ПОСЕТА НЕПОСРЕДНО ПРЕД ГЛАСАЊЕТО ДОВЕРБА ЗА МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА

Денеска попладне, првпат еден холандски премиер доаѓа во официјална посета на Македонија. Евентуалните предзнаци за „историската димензија“ на посетата на премиерот на Холандија, Марк Руте, речиси и не се споменуваат во најавите во македонските медиуми, од причина што во претекстот доминира интервентниот момент на нејзината реализација – еден ден пред гласањето доверба на актуелната македонска влада во Собранието и во амбиент на политичка криза со најавена оставка од премиерот и амбиции на опозицијата да создаде ново парламентарно мнозинство. Неофицијалните дипломатски објаснувања за посетата на Руте на Македонија се дека „холандскиот премиер доаѓа во Македонија за да даде поддршка за нашите преговори со Европската Унија, кои, пак, поради кризата со Владата сега се со уште понеизвесна иднина“. Наводно, посетата е договарана одамна и не е поврзана со политичката криза. Таа е дел од регионална турнеја во Македонија и во Албанија, чија првична цел била да се прати сигнал од земјата на ЕУ со најригорозни ставови кога се решава за проширувањето на Унијата – дека стои зад Македонија.
Сепак, симптоматичноста на моментот на посетата, поткрепена од искуството на посети на европски лидери пред референдумот за Преспанскиот договор во 2018 година, (кои исто така првпат дојдоа во Македонија во текот на тридецениската независност), легитимно предизвикува резервираност и внимателност во интересот на македонската јавност за пораката што ја испраќа присуството на еден европски лидер во земјава, еден ден пред одлуката за своевиден пресврт во македонската внатрешна политика, што, секако, би се одразило и во надворешнополитичките позиции на земјава.

– Секоја посета на високо ниво од ЕУ, или висок претставник на земја-членка на Унијата е добредојдена за Македонија, зашто пред сѐ значи поддршка за нејзините евроинтеграции. Навистина чуден е моментот на посетата на холандскиот премиер Руте, зашто остава простор за толкувања. Од една страна може да се толкува како поддршка на актуелниот македонски премиер, т.е. во функција на решавање на политичката криза во земјава, еден ден пред гласањето доверба на Владата во Собранието. Од друга страна, партијата на Руте припаѓа на десницата, член на ЕПП, каде што дел е и моментално опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Можеби холандскиот премиер би сакал изворно да се информира од лидерот на опозицијата за позициите на евентуалното ново парламентарно мнозинство за прашањата поврзани со македонските евроинтеграции. И покрај сите толкувања и барања „скриени намери“, добро е што доаѓа во посета лидер на земја-членка на ЕУ, а наедно и политичка личност што е дел на ЕПП. Иако кај нас завршија локалните избори, но имаме политичка криза, а во Бугарија треба да се одржат избори в недела, времето за самитот на ЕУ, во средината на декември се тенчи, а дотогаш во ЕУ треба да се донесе одлука дали и како ќе се одблокира ветото за нашите евроинтеграции. Во таков контекст, посетата на холандскиот премиер е позитивно навестување, иако можеби навидум во „чуден“ момент – вели првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски.
Сепак, во распоредот на посетата на Руте, предвидена е само средба со премиерот Зоран Заев (зад затворена врата и без прес-конференција), средба со невладини организации што ги финансира холандската амбасада и вечера кај претседателот Стево Пендаровски, на која ќе присуствуваат и министри од Владата. До вчера, воопшто не беа најавени средби со претставници на опозицијата. По вечерата, холандскиот премиер Руте ќе замине од Македонија.

– Во овој политички миг во Македонија, речиси ништо не значи посетата на високи претставници од земји-членки на ЕУ, во смисла на влијание за разврска на политичката криза. Помина времето доаѓањето на некој од ЕУ да значи поддршка за некого, дека ЕУ стои зад политиката на тој чинител од политичкиот амбиент со кого ќе биде реализирана посетата. Да сакаше ЕУ да даде поддршка за политиките на македонската влада, ќе го стореше тоа кога требаше и како што требаше – со отворање преговори за членство во Унијата и исполнување на своите ветувања спрема Македонија. Сега, ваквата посета се сведува на „правење лице“, или можеби испраќање порака до некое евентуално ново парламентарно мнозинство дека се очекува да се испочитуваат обврските од Преспанскиот договор. Во однос на преговорите со Бугарија и спроведувањето на Договорот за добрососедство, во моментот (на политичка криза кај нас и предизборие во Бугарија) никој не може да преземе одговорност за спроведување на какви било договори. Во ваков момент не се носат големи одлуки, ни под влијание на ЕУ – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски, посета од високо ниво на претставник од ЕУ не се прави во политички пресвртно-одлучувачки миг на земја-кандидат, а тоа да не се протолкува како поддршка на тој што е на власт.
– Сепак, најновите случувања на Западен Балкан, каде што како да почна повторно да „ѕвечка оружјето“, сѐ погласно ја искажуваат намалената доверба во сите земји од регионот спрема ЕУ. Секако, тоа во најголема мера се должи на изразеното нерасположение на ЕУ за проширување, во кое предводи Холандија.

Посетата на холандскиот премиер на Македонија, во таа смисла е дел од менаџирање на тоа незадоволство од ЕУ во регионот, но и обид да опстојат на своите аргументи за непроширување. Односно да се задржи желбата на земјите од Западен Балкан да бидат дел од Унијата, но да не им се вети полноправно членство во блиска иднина – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.
Според други аналитичари, посетата на Руте на Македонија може да се сфати и како обид ЕУ да си го измие образот, откако сите европски медиуми го посочија прстот кон Унијата како одговорна за најновата политичка нестабилност кај нас.