Минатиот понеделник ми се јави новинарка на Радио Белград со молба наредниот ден да ѝ гостувам во емисијата за да ја коментираме оставката на Зоран Заев и она што ќе следува. Утрото веќе се смеев во себе и се прашував: како да коментирам нешто што не постои и што не знам дали ќе се случи? Во разговор со пријатели паднаа шеги, од оние на сопствена (национална) сметка: оставка ќе има „мало сутра“; „видите, та је оставка као Коперфилдова илузија, час је видите, час је не видите“; „кажи им да се подготват, зошто овој може азил ќе бара“, „пишман аџија имаме“, „почни со зачуден тон: ’Заев дал оставка? Сериозно? Кога се случило тоа?‘“, „заклела се свиња да не једе…“, „сетете се на серијата ’Тесна кожа‘ и обратете внимание на ликот на Шојиќ“, „вие му поверувавте на Минхаузен?“ итн.
Мислам дека победник беше сугестијата да кажам: „Ѓекна још није умрла, а кад ќе, не зна се!“ Верувале или не, цел ден се смеев до солзи, а за плачење работата. За среќа, наредниот ден поради вонредно обраќање на нивната премиерка, разговорот се одложи. Она што следуваше ме врати децении назад. Иако бев млада, се сеќавам на едно време кога низ тогашната држава, божем спонтано, започна акција под мото „Народ се пита, не дамо Тита“ (простете за оригиналот), или на македонски „ние се прашуваме, Тито не го даваме“ (иако, за волја на вистината, паролата е нешто постара и во оригинал гласеше „нећемо краља, хоћемо Тита, народ се пита“).
Тоа беше подготовката за давање доживотен мандат на саканиот маршал: како лавина од сите страни се создадоа наменски хор и восклици на љубов, солзи и обожување на веќе остарениот и потрошен лидер. И тоа беше политичка комедија на свој начин, но ова нашево беше/е полошо од најлоша фарса, бидејќи се случува во божемна демократија. Што да се каже за срцепарателните колумни, како НВО-секторот не му ја прифаќа оставката, па коалицискиот партнер му подвикнува дека нема откажување, па новинари и професори објаснуваат дека нема право на лична оставка, дека земјата ќе пропадне без него и сиот тој џез? Сепак, врвот беше еден стар српски професор од Факултетот за политички науки, кој кажа дека Заев воспоставил нов стандард за политичар, морал и преземање одговорност за неуспех. На тоа следуваше еден (српски) виц што не е пристојно да го кажувам јавно, ама се однесува дека во Австрија Курц дал оставка, ама ние имаме… (бииип). Се разбира, овој пат нема враќање и некој друг ќе застане зад кормилото на бродот што напред го влече – сидро! Ѓекна не е умрена, ама велат дека оставката ѝ експлодирала в рака.
Шегата настрана, и солзите што потекоа од смеа беа горчливи и цинични. Ако не се смееш на овој политички трилер, трагикомедија, оперета, бурлеска (одберете го жанрот) – не можеш да се справиш со сета сериозност и длабока иронија на целата ситуација. Всушност, како што покажаа и резултатите од изборите, најголемиот дел од граѓаните сонуваше за овој ден, за денот кога оној што безобразно гестикулираше со рацете од митинзи, кој нè распродаде како бостан во Горни Милановац, кој трескаше (на српски и на англиски) како Максим по дивизија и нè срамеше или погубуваше со секој јавно искажан збор, а најважно од сè – оној што изврши велепредавство и ја доуништи државата (од СЈО, до МВР, МНР и АНБ). Но тоа не е доволно. Антиклимаксот дојде набрзо, заедно со бранови на сеќавања за солзавец, гумени куршуми, демонизација, замолчување… И цунами од тага, длабока тага за сето она што го доживеавме, од еден човек со IQ33, речиси без отпор. И зошто сето тоа?
Космичка иронија е да сфатиш дека денот кога заминува овој човек (кој дефинитивно влезе во историјата, тука нема дилема, како никој пред него) е Денот потоа. (The Day After е насловот на еден од оние познати катаклизмични филмови за крајот на светот – ама со трошка надеж среде тоталниот колапс.) Ние сме токму таму, денот потоа всушност започна многу пред поразот и заминувањето на Заев.
Испразнети вештачки (и природни) езера, задолжени не до гуша, туку преку глава, со испразнети државни резерви, со веќе прогласена трајна кризна состојба – изберете ја само причината! Сакате ковид – да, благодарам, имаме; сакате електрична енергија – да, благодарам, немаме; сакате сиромаштија – да, благодарам, расте секој ден заедно со цените на прехранбените продукти… Ах, корупција! Во секоја пора, во секое министерство, во секоја општина.
Им се чудам на оние што уште ги држи еуфоријата по изборната победа и по најавувањето ново парламентарно мнозинство. Знаете на кого мислам, нели? На оние што веќе почнаа да го зборуваат она што Калето сака да го слушне и да изигруваат македонски Мицотакис, а партиската армија во делириум. И на оние што можеби само сакаат да се ДУИ наместо ДУИ. Ете, немам сила ни да се израдувам. Ме прекоруваат за песимизмот (што јас го сметам за реализам), сум требало да влевам верба, сега кога светнал ден! Жалам, ама не можам. Ако грижите, оние егзистенцијални (се греам на електрична струја, работам онлајн итн.) ги чувствувам и јас, иако сум професор, тогаш што да кажат другите?! Мојот драг колега колумнист на оваа страница, Јани Бојаџи, напиша убава колумна минатата недела – таа беше бодра и пророчка во делот на изборниот резултат (напишана нужно пред неделата напладне, а објавена првиот ден по изборите). Се обиде да го трасира патот… Треба огромна ментална сила, но и ум, разум, план и знаење за да се изоди овој пат – и да се најде излез од амбисот во кој реално се наоѓаме. Локалните избори беа само увертира за крај на почетокот или за почеток на крајот, или можеби како она подобрување на состојбата на фатално болен – токму пред да испушти душа.
Да, плачење над истурено млеко не помага. Кукање и паника, исто така. За патот треба план. За патот се потребни луѓе, а можеби и мали чуда за да куртулиме. Се надевам дека не сме сосема обезглавени. Се надевам дека некој планирал сценарио за спасување на она што преостана и дека ќе успее оној ајдучки буџет што се подготвува за идната година (во кој фигурираат огромни бројки за автомобили, мебел, патувања, зголемување плати на администрацијата и сл.) да го спречи или да направи ребаланс. Додека ние се занимаваме со самите себе, светот запаѓа во досега најголема криза, налик на „совршена бура“. Дали сме ние свесни каде живееме или уште се „ударамо у грудима нашима“ (да го цитирам бившиот премиер што дури не може да најде доброволец да ја преземе партијата во стечај)? Се плашам дека сме вејки на ветерот, дека немаме резервен план Б, дека нема луѓе/група/организација што размислувала досега два-три потези однапред. Се плашам дека поради стекот на околностите за некои генерации Заев ќе биде последниот премиер што водел колку-толку (барем однадвор) средена држава, без да знаат дека тој е архитектот на пропаста.
По него – потоп! Со бизнисите и сметките в џеб, со хациенди и името по други држави, тој слободно може да замине „во легендите“ (како што напиша еден колумнист). Тој ги доживеа своите ѕвездени/речиси Нобелови мигови, ја заврши работата за која беше инсталиран, и сега ќе замине без влакно да му фали од главата. Ете, тоа ме боли и ме мачи! Ја нема ни сатисфакцијата за правда, а дојде на слоган преведен од англиски „нема правда, нема мир“. И да биде најстрашно така можеби и ќе се случи: правда нема да видиме, а богами ни мир. Затоа што вожд беше оној на Радоје Домановиќ. И не беше првиот, а можеби ни последниот. Наследниците не ветуваат повеќе, но ајде да им дадеме шанса.
„Какви порази сме морале да издржиме,
какви срамови,
какви поруги.
Боже, умот дури ми се свртува!
Ни помагало нешто, нè крепело нешто,
некаква смешка, некаква површност, –
и по сето тоа
во нас
некаква надеж, некаква желба,
некаква скриена смисла
безрасудно пак изртува!“
„Преживување“, Блаже Конески