Пријавувањето за вакцинација против сезонски грип почнува од денеска. Граѓаните што сакаат за се вакцинираат може да се пријават преку веб-страницата vakcinacija.mk, со пополнување на формата за регистрација.
Министерството за здравство (МЗ), како што информираат оттаму, и оваа година набавило 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип.
Вакцината веќе трета година по ред е бесплатна за т.н. ризична групи граѓани: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години.
Согласно со распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс-порака граѓаните ќе добијат информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
За тоа кој ќе закаже термин за вакцина за оние лица кои не знаат да го сторат тоа електронски од Министерство за здравство велат дека закажувањето преку платформата не мора да биде лично и може да го направи и член на семејство, матичен лекар, роднина…
– Нагласуваме дека не е доцна граѓаните да се вакцинираат против грип во ноември или декември, бидејќи согласно епидемиолошките податоци, оваа болест во последните десетина сезони го достигнува пикот кон крајот на месец февруари – велат од МЗ.
Оттаму дополнуваат дека вакциницијата против грип не заштитува од ковид-19, но е многу значајна во услови на ковид-пандемијата.