СВЕТСКАТА МЕТЕОРОЛОШКА ОРГАНИЗАЦИЈА ПРЕДУПРЕДУВА

Последните седум години (од 2015 до 2021 година) се најтопли откако се мери температурата на Земјата – објави Светската метеоролошка организација (ВMO), предупредувајќи дека планетата влегува во „непознат терен“.
– Годишниот извештај за состојбата на климата откри дека нашата планета се менува пред нашите очи. Од длабочините на океаните до планинските врвови, под немилосрдните ефекти на топењето на глечерите и екстремните метеоролошки феномени на целата планета, исчезнуваат екосистемите и популациите на планетата – изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, коj додаде дека конференцијата за климата КOП26, која започна викендов во Глазгов и ќе трае две недели, треба да биде „пресвртница за човештвото и за планетата“.
Во првите девет месеци од 2021 година, просечната температура се зголемила за околу 1,09 степен Целзиусов во споредба со прединдустрискиот период. Поради влијанието на феноменот Ел нињо, кој ја спушти температурата на почетокот на годината, годинава нема да биде соборен рекордот, но „најверојатно“ сепак ќе биде меѓу петтото и седмото место по топлина. Во последниве седум години најжешка беше 2016 година, а се очекува до 2030 година да биде надмината границата од +1,5 степен. Зголемувањето на просечната температура во последните 20 години (2002 – 2021) првпат го надмина прагот од +1 степен Целзиусов во средината на 19 век, кога луѓето почнаа да користат фосилни горива за индустриски потреби.

– Фактот дека просекот во последните дваесет години надмина +1 степен Целзиусов ќе влијае на размислувањето на учесниците во КOП26, кои се обидуваат да го задржат порастот на температурата во границите поставени со Парискиот договор – рече Стивен Белчер, британски метеоролог што учествуваше во извештајот.
Главната задача на Парискиот договор е да се намалат емисиите на стакленички гасови, со цел да се ограничи глобалното затоплување на температури многу под +2 Целзиусови степени во споредба со прединдустрискиот период, а ако е можно и до +1,5 Целзиусов степен.
Експертите за клима на ОН предупредија дека со сегашните трендови границата од +1,5 степен Целзиусов може да се достигне околу 2030 година. Во 2021 година, светот беше погоден од екстремни временски услови, топлотни бранови во Северна Америка и Јужна Европа, разорни пожари во Канада и во Сибир, леден бран во централниот дел на САД, обилни врнежи во Кина и во Западна Европа и суша што предизвика глад во Мадагаскар.